Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа повтори дека нема да потклекне пред меѓународниот притисок да се откаже од својот план за копнена инвазија на Рафах, најјужниот град во Газа кој сега е преполн со повеќе од еден милион Палестинци.



Многу од 1,4 милиони во Рафах се раселени и живеат во училишта, шатори или домови на пријатели и роднини, дел од очајната потрага по безбедно засолниште од израелската воена кампања, која се одолговлекува повеќе од четири месеци, пишува Њујорк Тајмс.

Нивните животи се секојдневна борба да најдат доволно храна и вода за да преживеат.

Израелскиот премиер претходно изјави дека неговата армија ќе дозволи цивилите да ја напуштат зоната на конфликтот, но не објасни каде би можеле да одат Палестинците.

„Оние кои сакаат да не спречат да дејствуваме во Рафах во основа ни велат: Изгубете ја војната“, рече Нетанјаху на прес-конференција во Ерусалим синоќа.

„Точно е дека има многу противење во странство, но токму овој момент треба да кажеме дека нема да работиме половина или третина од работата“.

Нетанјаху во меѓувреме е под притисок на израелската јавност која бара што поскоро да се одржат нови избори и да се прекине војната, а еднаш неделно се одржуваат протести пред зградата на Владата.

Речиси во исто време кога Нетанјаху се обрати на прес-конференцијата, илјадници антивладини демонстранти ја исполнија централната сообраќајница во Тел Авив – најголемиот протест против премиерот во последните неколку месеци.