Спискаа 71% од Буџетот за 6 месеци за да останат на власт, паднаа ко скапани круши

Прашањата поврзани со даноците, државниот буџет, платите, пензиите, јавните трошоци и со другите социјални трансфери се клучни не само за оценувањето на успешноста на секоја извршна власт во областа на финансиите, туку уште повеќе за тоа колку навистина ние разбираме дека времето на веќе подзаборавената социјалистичка „договорна“ економија е минато.



Можеби е минато во реалноста, но таа изгледа длабоко е вкоренета не само во свеста на обичните смртници, туку и во разбирањето на многу луѓе од т.н. политичката елита, па дури и во дел од стручната јавност, за тоа како се собираат народните пари и како се трошат, како и зошто државата се зајмува и од кого и дали навистина веќе не постои „бесплатен ручек“ или некој сепак е должен да го „храни“ ова државиче.

Читам дел од критиките на пропагандистите од опозицијата за ребалансот на буџетот, ги разглобувам и тезите на некои експерти кои се продаваат како „независни“ и си се чудам. Не можам да разберам како некои луѓе, на кои веројатно не им недостасува експертиза од областа на финансиите и на макорокономските движења, не можат да сфатат некои основни нешта.

На пример, како е можно некој упорно да тврди дека ребалансот на буџетот, кој неминовно ќе го зголеми буџетскиот дефицит, е само нечиј хир, или само план за реализација на амбицозните предизборни ветувања на владата на Христијан Мицкоски?

Па дури и да е така – а верувам дека ни Мицкоски ни министерката за финансии Гордана Кочоска Димитриеска не се среќни што морале да дизајнираат ваков ребаланс – што има лошо во тоа што некој да сака да ги оствари предизборните ветувања? Та нели треба да се градат патишта, болници, училишта и градинки, нели треба да има пензии, плати за враготените во прекурбојната администрација, помош за студентите и за сите ранливи категории население и бездруго буџетска поддршка на реалниот сектор на економијата?

Нели сакаме инвестиции? Или сакаме само фатаморгани од инвестиции. Како до сега, што би рекол Али Ахмети.

И до кога ќе живееме во системот на праведна распределба на сиромаштијата, како што многу умни економисти уште во времето кога јас ги учев економските дисциплини (и собирав десетки од најугледните професори на Економскиот факултет во Скопје) ја дефинираа социјалистичката економија и го предвидуваа нејзиниот колапс?

Реков, дури и да е така, дури и да е ребаланост само план за остварување на предизборните ветувања. А не е баш така. Зашто, лесно е да се проектираат буџетски приходи, ама треба некој парите да ги собере и да ги донесе во државната каса. Треба да се наплатат даноците и другите државни давачки. Треба да се удри колец в гради на сивата економија, која во една ваква фрагилна постсоцијалистичка економија како македонската, да си признеме искрено, е фактор на социјалниот мир, па дури и фактор на меѓуетничкиот мир.

Не е тоа лесно, другарчиња опозиционери. Знаете и самите, бидејќи до пред еден месец бевте на власт и ние видовме дека ве бива за трошење пари за глупости, ама не ве бива баш за полнење на државната каса.

И затоа се чудам кога читам како некои луѓе кои цел живот живеат на државни јасли ни продаваат ум за тоа како зголемениот буџетски дефицит ќе го намалел порастот на бруто домашниот производ и како Мицкоски морал да се држи до „златното правило“ да не позајмува пари во странство со камати повисоки од стапката на пораст на БДП.

Пази ваму, која наука! Луѓето кои ја брлават јавноста со ваква „книшка“ и „салонска“ економија изгледа никогаш не заработиле ни денар во реалниот сектор, никогаш не заработувале „свои“ пари, никогаш не формирале „свој“ буџет и не го трошеле.

Тие луѓе не сфаќаат дека ниту еден од тие сектори во општеството кои денес (како до сега, нели) вршат реален притисок за зголемување на буџетскиот дефицит – пензионерите кои сакаат редовни и повисоки пензии, вработените во јавниот сектор кои сакаат повисоки плати и малку повеќе од тоа, синдикатите кои постојано бараат повисока минимална плата и уште лажат дека нашата била најниска во регионот итн – никој од тие сектори не произведува реални добра и услуги, кои носат објективен напредок на економијата. Да, секако, тие се важни, бидејќи се нужна инфраструктура без која општественото живеење е невозможно и без која нема амбиент за напредок на бизнисите. Но, реалниот сектор на економијата е клучен. Треба бре да се гради, да се произведува, да се пружаат наплатливи услуги, да се создава додадена вредност, бизнисмените да прават профити за да инвестираат, државата да ги форсира капиталните инвестиции а не да не знае да ги потроши парите кои ги има – ете тоа ја крева економијата на нозе!

Целата колумна на Бранко Героски за Плусинфо на следниот линк:

Спискаа 71% од Буџетот за 6 месеци за да останат на власт, паднаа ко скапани круши и сега тие памет ќе ни солат – сиктер таму, бре!