Фудбалерите на Барселона вторпат сезонава го декласираа вечниот ривал Реал Мадрид по првенствените 4:0 на негов терен, овојпат со 5:2 во финалето на Суперкупот на Шпанија во Џеда.
За каталонскиот гигант ова е рекорден 15. трофеј во ова натпреварување, два повеќе од кралскиот клуб.
Голеадата во спектакуларниот натпревар на исполнетиот стадион „Крал Абдулах“ во Саудиска Арабија ја отворија мадриѓаните преку Мбапе само по пет минути игра.
Тоа како да ги налути Каталонците, кои одговорија со пет парчиња во мрежата на Реал! Израмни Јамал во 22. минута, пресврт донесе Левандовски од пенал во 36. минута, по што два пати погоди Рафиња во 39. и 48. минута и еднаш Балде во десеттата минута од судиското продолжение на првото полувреме.
Искра надеж за избегнување нов горчлив пораз од Барса донесе голот на Родриго во 60. минута по слободниот удар откако голманот Шчесни беше исклучен за стартот врз Мбапе, но тоа беше сè од тимот на Анчелоти.
За неговиот колега Флик ова е прв трофеј со Барселона, со кој ја продолжи својата неверојатна стопроцентност во клупските финалиња, откако претходно со Баерн Минхен имаше 5/5, славејќи по еднаш во Лигата на шампионите, во Суперкупот на УЕФА, во Купот на Германија, во Суперкупот на Германија и на Светското клупско првенство!






