„Спасителот“ Јован договара прослава на Илинден во Прохор Пчињски

Неколку владици на Српската православна црква дале согласност за операција со која владиката Јован кој што беше расчинет за финансиски криминал  од МПА – ОА,  треба да биде прикажан во Македонија како спасител на македонските национални интереси и со тоа од него да се симне етикетата на предавник.

Целта на акцијата на СПЦ  е Јован да се појави како фактор кој ќе го убедува врвот на СПЦ и Патријархот Иринеј да дозволи влез на македонската политичка и црковна делегација во Манастирот Прохор Пчињски на 2 август, денот на одржување на првото заседание на АСНОМ и денот на македонската државност.

Планот првично го нарушил српскиот таблоид  „Ало“ и другите српски медиуми преку кои патријархот Иринеј испратил преостра порака дека нема да дозволи прослава на АСНОМ по ниедна цена, но сепак во наредниве денови се очекува комуникација на меѓу СПЦ и македонските власти за ова прашање, во која пораките преку негови луѓе во Скопје треба да ги пренесува екс владиката на МПЦ – ОА Јован.

Според оригиналниот план Јован треба да издејствува прослава на АСНОМ а за возврат, дури и да не дојде до прослава на Илинден, премиерот Заев во иднина треба да го убеди врвот на МПЦ – ОА да биде помек во односите со лидерот на ПОА и српски егзарх во Македонија.

Во Белград сметаат дека овој план е изводлив откако минатата недела архиепископот Стефан и неколку владици на МПЦ – ОА беа на средба во македонската влада која минала во најдобар ред и се договориле за соработка.

Дел од српските владици кои што знаат за планот сметаат дека единствен начин Јован да добие на тежина и да биде од корист за СПЦ е тој да се врати во Македонија каде што сега нема ниту значителен број следбеници ниту пак брзо може да изгради црковна инфраструктура надвор од МПА – ОА.

Во операцијата според црковни извори кои се противат на било какво промовирање на Јован како фактор во Македонија учествуваат врвот на Српската Православна Црква и неколку тамошни владици чиј протеже беше Јован во последниве десетина години,  медиуми блиски на српскиот клир но и свештеници на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.
Прославата на АСНОМ на Прохор Пчињски сеуште е речиси невозможна мисија и поради пресилното интервју на патријархот Иринеј и поради други причини но обидот на Јован да посредува и да се прикаже човек кој што ќе ги смири страстите меѓу македонските власти и СПЦ може да биде од корист во блиска иднина, сметаат во Белград.
Анализите на СПЦ велат дека новиот македонски премиер Заев е човек кој што ја согледува реалноста и дека е подготвен на компромиси затоа што негов главен интерес е да ги затвори сите отворени спорови со соседите, вкучително и црковниот со Србија. Нема причини Заев да се договори во Софија и Атина а да не сака да го реши и спорот со СПЦ, е логиката на оваа црква.
Од Заев се очекува и сега и во иднина да влијае на МПЦ – ОА да прифати компромис во преговорите со СПЦ за конечно да се затвори спорот меѓу двата блиски народи, сметаат дел од српските владици. Целосно решавање на спорот не е само признавање на автофефалноста или некое ниво на независност на МПЦ – ОА туку и редица други прашања како сопственоста на дел од имотите на македонската црква за кои СПЦ тврди дека и припаѓаат.
Ослободувањето на Јован од затвор и евентуалната прослава на АСНОМ во Прохор Пчињски годинава може да биде добра патека по која ќе се дојде до решение за црковниот спор. Но ова сценарио е можно само ако македонските владици се согласни да се потпише Нишкиот договор и да водат преговори согласно каноните на православието според кои секоја нова црква како македонската мора да ги следи насоките од мајката црква, сметаат во СПЦ за која МПЦ -ОА  официјално сеуште е расколничка црква.
Вчера премиерот Заев за босанските медиуми изјави дека со српскиот претседател Вучиќ ги решил сите несогласувања си подале рака и си ветиле дека ќе соработуваат. Дали најавената соработка се однесува и на црковниот спор премиерот не кажа.
Во 2004 година Јован како дел од српската црковна делегација на Прохор Пчињски го изненади тогашниот претседател Бранко Црвенковски кој не можеше да го избегне ракувањето со српскиот егзарх по што шефот на државата беше критикуван од МПЦ – ОА за тоа што „пружил рака со расколникот“.