Во свое скандалозно „Отворено писмо до премиерот на Косово Албин Курти“ Блерим Хисени, новинар и публицист, но и актуелен заменик-директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер на Република Македонија, го повикува Курти да се вмеша во внатрешните работи на македонската држава и да „дејствува веднаш, пред да биде предоцна“, бидејќи, како што тврди во „Отвореното писмо“, „ова што се случува денес со Албанците во * Македонија, не се случило ниту пред славната војна на УЧК во 2001 година“! Но, „кај Хисени“, како што му пишува тој на Курти, „не постои никаква дилема дека по војната во 2001 година нема да има сила, која ќе ги потчини Албанците“! Ова „Отворено писмо“ со белег на противмакедонски и противдржавен политички памфлет го објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА. Инаку, Хисени е почнувајќи уште од 2009 година се досега непрекинато на функција де како заменик-директор, де како директор на оваа државна институција, која првично имала назив „Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер“, а која од 2019 година е трансформирана како агенција за таа проблематика.
Скандалот е дотолку поголем, што Блерим Хисени, иако е висок функционер на агенција на државата Македонија, јавно повикува на спротивставување кон државната власт, кон претседателот на Владата Мицкоски: Хисени ги повикува јавно „милениците на Курти, кои се дел од власта“ и од албанскиот политички блок во Македонија, да му се „спротивстават на премиерот на Македонија Мицкоски“, поради „противалбанските политики, кои се негуваат како никогаш во * Македонија“! Хисени го споредува македонскиот вицепремиер Иван Стоилковиќ со Милан Радоичиќ, доскорешниот потпретседател на партијата „Српска листа“ на Србите во Косово, кој од тамошните власти е означен како „српски терорист“!
Во „Отвореното писмо“ Хисени го повикува косовскиот премиер Курти и „да лобира за единство на албанскиот чинител во Македонија“, нагласувајќи дека „очекува од него да се ангажира да важи правото на самоопределување и за Албанците во Македонија“!
Редакцијата на „Експрес“ објавува во македонски превод покарактеристични наводи од пообемното „Отворено писмо до премиерот на Косово Албин Курти“ на Блерим Хисени, заради објективното информирање на јавноста во Македонија во врска со недозволивите и неприфатливи ставови и постапување на овој висок функционер, кој наместо да работи за граѓаните и државата, ја напаѓа и ја омаловажува истата таа држава Македонија кај претседателот на владата на Косово Курти.
„Премиере, … ова што се случува денес во * Македонија, не се случило ниту пред славната војна на УЧК во 2001 година! Наместо да лобирате за единство на албанскиот чинител, вие дури предизвикавте длабока поделеност. Ова му овозможува на македонскиот чинител да му се потсмева на албанскиот чинител, кој учествува во владата, а со тоа и на сите Албанци! Во оваа коалиција имате пратеник, кој до денес ниеднаш не се спротивставил на противалбанските политики, кои како никогаш досега се негуваат во * Македонија. Имате и вие дел од одговорноста за ова. Ваша одговорност не е само да го претставувате Косово, туку докажавте дека сакате и имате амбиции да ги претставувате Албанците и надвор од Косово.“
„Силно би поддржал името на вашата партија Ветвендосје (Самоопределување – заб.прев.) да ја изразува политичката ориентација на овдешните Албанци. … Премиере Курти, очекувам да се ангажирате правото на самоопределување да важи и за нас, Албанците во Македонија! Зошто ние во Македонија да не се определуваме и да не одлучуваме самите на избори кој ќе не претставува нас, Албанците? На последните парламентарни избори го изгубивме и ова право на самоопределување и на самоодлучување, што го имавме…“
„Вашите миленици (да не речам вашата коалиција), премиере, не се осмелија да му се спротивстават на Мицкоски, кога именуваа претставник на српската партија како одговорен за Охридскиот договор, а во Македонија тој ја игра улогата на Радоичиќ“ (Милан Радоичиќ – поранешен потпретседател на партијата на косовските Срби „Српска листа“ во Косово, од косовските власти означен како „српски терорист“, кој на 24 септември 2023 година „ја предводел групата на српски милитанти-терористи во нападот врз косовската полиција“ во Бањска, Косово – заб.прев).
„Знаете ли, премиере Курти, дека кога претседателот на Собранието ќе ги повика македонските пратеници да зборуваат, тој не им се обраќа на албански, туку на македонски?! Дали знаете дека таблите на институциите, кои според законот мора да бидат на два јазика, сега се поставуваат само на македонски?! Никогаш не очекував од вас политика со двојни стандарди, која ја водите со Албанците во * Македонија, свесно, или несвесно, а последиците од тоа ќе бидат многу големи и долгорочни! Но, не постои кај мене никаква дилема дека по војната во 2001 година нема да има сила, која ќе ги потчини Албанците…“
„Премиере Курти, вие имате одговорност, како што дејствувавте пред изборите, така да дејствувате и сега по изборите, пред да биде предоцна!“





