Пишува: Свето Тоевски
На 20 јануари во Белата куќа на САД ќе влезе „срцето на слободниот свет, кое чука“ – Доналд Трамп, како што вели Џон Ајкенбери, водечкиот теоретичар на меѓународните односи од Универзитетот Принстон. Се уште и без да донел една единствена извршна наредба, новиот американски републикански претседател веќе започнува да го спроведува својот план „Да ја направиме Америка повторно голема“ и да го менува глобалниот светски поредок. По изборот како „Личност на годината“ тој ќе каже во интервјуто за „Тајм“: „Со кампањата погодивме во нервот на државата. Демократите не го разбраа чувството на државата.“ Ваквата државничка филозофија на моќниот републикански и американски лидер треба да биде вдахновение секогаш „да се погодува нервот и на македонската држава“, да се „разбира чувството и на македонската држава“, заради нејзиниот опстој и натамошен развој.
По урнекот на трампистичката МАГА-идеологија потребна е и наша државно-национална програма „Да ја направиме Македонија повторно Македонија“, заради градење и одржување високо државно и национално достоинство на Македонија, на македонскиот народ и на сите други граѓани наспроти ЕУ и светот. За опстојот и развојот на македонската државност и на македонскиот идентитет, во овој момент е, пред се, неопходна поддршката од Трамп и неговата републиканска американска администрација. Македонското државно-политичко раководство има реални шанси да добие таква поддршка. Неопходна е специфична и оптимална комбинација на трампизмот и македонизмот, развивање курс на блиски односи и соработка со Трампова Америка, но, сепак, и колку што ќе биде реално можно курс на еднаква доближеност и еднаква оддалеченост и наспрема САД и наспрема Русија и наспрема Кина, на неутрална политичка и економска соработка со сите нив, за да не заврши Македонија како тревата, која ќе ја газат светските „геополитички слонови“ во меѓусебната борба!
Една од целите на новата американска политика „стратегиско слабеење“, но и „распад на ЕУ“?!
Една од покрупните цели на новата американска политика ќе биде стратегиското слабеење на ЕУ. Трамп се повеќе ја обиколува, но и ја напаѓа „централата“ на ЕУ во Брисел, а започнува да комуницира и да соработува директно со поодделните европски држави-членки на ЕУ, во прв ред со Унгарија. Во претседателската кампања Доналд Трамп дури 109 пати го спомена унгарскиот премиер Виктор Орбан како свој клучен сојузник во Европа, а Македонија токму Орбан го има како свој веројатно клучен поддржувач во редовите на државите-членки на Европската Унија! Новиот републикански претседател на САД Трамп ги разнишува досегашните евроатлантски врски меѓу САД и Европа и Европската Унија. Американската стратегија се насочува постапно кон билатерални политички врски и билатерални економско-трговски договори со поодделните европски држави. Според него, разбивањето на европското единство е корисно за американските интереси. Во видувањето на Трамп распадот на ЕУ би им овозможил на САД полесен пристап на европскиот пазар на енергенси.
Д-р Паскале Жоанин: Европејците треба да ја задржат способноста да донесуваат одлуки, кои ќе им служат на нивните интереси!
Трамп и неговите најблиски соработници, под негови насоки, веќе почнаа засилено да ја преобликуваат политичко-економската географија на светот и да ги редефинираат поодделно односите меѓу САД и Европа и Европската Унија. Во својот труд со наслов „Како европските избори ќе го преобликуваат политичкиот пејзаж?“, објавен лани, д-р Паскале Жоанин, француски експерт за европска политика и меѓународни односи, нагласува дека Европејците сега треба да се впуштат во потрага по свој вистински европски суверенитет со стратегиска автономија, но и да ја задржат способноста да донесуваат одлуки, кои ќе им служат на нивните интереси во светот со растечка опасност. Аналогно на овој став на Жоанин, ќе треба и Македонците и другите граѓани на Македонија да започнат да донесуваат суверени одлуки, кои ќе им служат на нивните интереси, како дел од европското население, без оглед што македонската држава не е членка и на Европската Унија.
Европската Унија уште со донесувањето на својата злогласна „Лисабонска декларација“ од 1992 година и барањето Македонија да го отфрли ова свое име, по „ќефот“ на Грција, се до денес ги гази автентичните македонски државно-национални интереси, барајќи нова промена на уставот. Затоа е логично и потребно стратегиското приклонување на македонското државно-политичко раководство кон новата американска администрација под претседателствувањето на Трамп. Ако заземе Трамп конструктивни позиции на уважување и соработка со Македонија, врз основа и на заемниот „Договор за стратегиско партнерство“, а, од друга страна, ако направи оваа и ваква ЕУ да се распадне, тогаш ќе и направи услуга на Македонија! Дури тогаш ќе се распадне дрската лага за „евроинтегрирањето на Македонија“, со која ги мафтосуваат Македонците и другите граѓани на оваа земја цели 20 години. Дури тогаш Македонија ќе биде принудена да се посвети најпрво на внатрешни реформи по свој македонски урнек, да работи на подобриот живот и стандард на сите свои граѓани без оглед на етничката припадност, како и на зацарувањето на правната држава во сите димензии и во сите пори на животот и на системот.
Со уште поголема македонска национална самосвест во позицијата наспроти ЕУ
Во својата научна статија Паскале Жоанин пласира уште еден важен став: „Започнатата ‘брутализација’ на светот треба да доведе до зголемена свест. Европските земји се соочија за првпат со отфрлање на европскиот модел на интеграција уште во времето на претседателствувањето на Трамп со Америка од 2017-2021 година, тогаш од одредени американски елити, кои се потпрени на МАГА – идеологијата ‘Да ја направиме Америка повторно голема’. Сега европските земји се соочуваат со нови закани од Трамп.“
Треба ли да се потсетува особено од 2017 година до денес разноразните европски комесари, шефови и шефици на ЕУ, помошници, заменици на државни секретари на САД, овие, или оние амбасадори во Скопје, со каква и колкава бруталност истапуваа кон Македонија, кон македонскиот народ и другите граѓани, упатувајќи наредби, закани, уцени, диктати, ултиматуми, да се смени името, да се применува овој и оној „добрососедски договор? А веќе втора година и со жестоки притисоци да се промени и уставот? Аналогно на претходно споменатиот став на француската експертка Паскале Жоанин, на ваквата „брутализација“ на односот на ЕУ кон Македонија треба да ѝ се одговори со нова позиција, во која ќе доминираат зголемена македонска национална самосвест, поткрепена со отсега натаму со реална американска поддршка на опстојот и развојот на македонската држава, ако се успее да се добие таквата поддршка! Имајќи ги предвид сите претходно споменати моменти, затоа ќе бидат исклучително значајни средбите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговите соработници со членовите на најблискиот тим на Трамп Лутник, Нунес, Павловски и другите на инаугурацијата на Трамп на 20 јануари 2024 година.
Од позиција на високо државно и национално достоинство на Македонија и македонскиот народ ќе треба да му се одговори соодветно и на најновиот став и барање на еврокомесарката Марта Кос и на ЕУ дека „* Македонија првин треба да го промени својот устав, за да можат да започнат преговорите со ЕУ“. Велат дека ова било „обврска“, но тоа е поточно се поголемо и поголемо газење на македонската државност. За какво „евроинтегрирање“ на Република Македонија станува збор, кога спротивно на Копенхагенските критериуми, единствено важечки за пристапувањето на која било држава-кандидатка кон ЕУ, само за Македонија се наметнуваат и специјални „добрососедски“ услови, кога се внесуваат во евроинтегративниот процес билатерални, во случајот измислени спорови и прашања меѓу Бугарија и Македонија?
Претстои период на поголема упатеност на народите на Балканот сами да си ги уредуваат своите меѓународни и меѓудржавни односи
Навистина, зошто на ЕУ ѝ е толку важно само и само внесувањето на измислениот „бугарскиот конститутивен народ“ во македонскиот устав, зошто ова раководство на ЕУ си дозволува вакви кршења на своите принципи и резолуции, а особено на резолуцијата на Организацијата на Обединетите Нации за недопустливоста на мешањето на ниедна држава, или групација на држави, во внатрешни работи на која било држава во светот, па и на Македонија? Дали еврокомесарката Марта Кос и другите политички личности од раководството на ЕУ сфаќаат дека тие, фактички, работат не за интересите на Бугарите, туку против интересите нивни и на Бугарија, но и против интересите на македонскиот народ и на Македонија?
Бидејќи, иднината на Балканот се наоѓа само во заемното разбирање, признавање и почитување на овие два народа, како и меѓу сите други народи во Балканот, а не во меѓусебните спорови, негирања, па и судири. Угледни светски експерти и аналитичари, редица водечки светски медиуми веќе анализираат дека по 20 јануари 2025 година новата американска надворешна политика ќе го има Балканот како втор, или трет приоритет. Ова ќе значи, појасно кажано, дека македонскиот и бугарскиот народ ќе бидат упатени многу повеќе еден кон друг, заради меѓусебно регулирање на своите национални и државни интереси и потреби. Но за да функционираат заемно корисни меѓудржавни односи меѓу Македонија и Бугарија ќе биде потребно вградување на принципите на вистинското добрососедство во односите на Софија кон Скопје.
Без претходно напуштање на „санстефанската политика“ од пред еден и пол век, според која „Македонија е втората бугарска држава“, без напуштање на политиката на негирања и омаловажувања на се што има етнички предзнак „македонски“ македонско-бугарските односи ќе бидат и натаму непотребно турбулентни. Сево ова ќе мора да го имаат предвид и новиот бугарски премиер Желјасков и неговата влада.
Постои реална основа дека новата републиканска администрација САД по 20 јануари и Доналд Трамп можат да заземат ревидирана, поповолна позиција кон Македонија, уважувајќи ги во поголема мера национално-државните интереси на македонскиот народ и другите граѓани на македонската држава. Премиерот Мицкоски е единствениот државник и политички лидер од Балканот, кој е поканет на претседателската инаугурација на Доналд Трамп. Мицкоски и неговите соработници ќе присуствуваат на 20 јануари и на свеченоста насловена како „Гласови на слободата“ која ќе се одржи по претседателската инаугурација. Тие ќе ја имаат обврската на оваа свеченост среде Америка да одекне и „Македонскиот глас на слободата“! За Македонија е во овој момент клучна поддршката од новиот американски претседател и новата американска администрација, заради потврдување и развој на македонската државност и на идентитетот на македонскиот народ.
(Авторот изнесува во оваа колумна ставови засновани врз сопствена објективна политиколошка анализа, без никаква поврзаност со ниедна политичка партија и без никаква поврзаност со уредувачка политика на кој било медиум во Република Македонија)





