Со каков пасош ја поминал Груби македонско – косовската граница е прашањето кое се поставува откако БИРН објави дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, по кого е распишана меѓународна потерница како осомничен во случајот „Државна лотарија“, нема албанско државјанство.
Во изјава за БИРН, Арта Сакја, советник за медиуми на албанскиот претседател рекол дека Груби нема албански пасош, пренесува „Призма“.
Како што пишува „Призма“, БИРН ги проверил шпекулациите кои изминатите денови се појавија во јавноста дека Груби престојува во Албанија, близу Драч, односно дека поседува албанско државјанство.
Новинарите на БИРН во Албанија, пак, не нашле никаков запис во тамошниот „Службен весник“ дека Груби добил албанско државјанство.
Ако е ова точно тогаш Груби границата ја минал со македонски, косовски или трет пасош за кој јавноста не знае.
Во игра е и опцијата Груби границата да ја минал со лична карта.
Изминатиот викенд вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити во гостување на албанската телевизија Ора њуз рече дека Артан Груби веќе не е на Косово, туку дека се наоѓа во Албанија.
Груби веќе десетина дена не е достапен за органите на прогонот. На 17 декември Кривичниот суд му одреди 30-дневен притвор, а веќе следниот ден Министерството за внатрешни работи (МВР) распиша меѓународна потерница по него.
Адвокатот на Артан Груби поднесе жалба на одлуката за притвор, но по неколку дена Кривичниот суд го одби барањето.
Артан Груби и поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, се осомничени дека како соизвршители и одговорни лица во АД „Државна лотарија“, вршејќи ги своите посебни овластувања и должности, во 2023 година направиле штета на акционерското друштво со намера противправно да прибават буџетски средства на Лотарија во износ од над 8 милиони евра. Обвинителството ги сомничи за кривичното дело проневера во службата.






