Ќе бидат ангажирани сите расположливи дронови, кои ќе бидат во функција 24 часа, заедно со термалните камери, се со цел откривање на можни сторители-подметнувачи на пожари.
Ова го соопшти директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, кој заедно со дел од неговиот тим вчера беше на терен во месноста „Буково“, на тромеѓата помеѓу с. Расино , с. Косел и с. Опејница, каде гори борова шума.
Јанев се заблагодари на пожртвуваноста на сите вклучени чинители во справувањето со огнената стихија.
Упати благодарност и за ангажираноста и посветеноста на хеликоптерските единици при МВР и МО, без чија воздушна поддршка не може да се стават под контрола пожарите, заради тешко пристапните терени.
Тој упати апел до граѓаните:
„Внимавајте кога се движите по шумите, по нивите, полињата, да не се фрлаат отпушоци, да не се палат стрништа, сепак, општото здравје и човечките животи се нешто најскапоцено, а подметнувањето на пожари е криминал од највисок степен!”- предупреди Јанев.






