Со две ракети нападната резиденција на Нетанјаху

 

Две ракети беа истрелани врз приватната резиденција на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Цезареја и паднаа во дворот на куќата, соопштија денеска израелските безбедносни служби, нарекувајќи го „сериозен инцидент“.



„Околу 19 часот и 30 минути (по локално време), две ракети паднаа во дворот пред премиерската резиденција“, соопштија од полицијата и домашната разузнавачка служба Шин Бет.

„Премиерот и неговото семејство не беа во резиденцијата“, додаваат тие, осудувајќи го „сериозен инцидент што претставува опасна ескалација“.

Ова не е прв напад на оваа резиденција: На 22 октомври беше испалено беспилотно летало во правец на резиденцијата и удрило во „структура“ во Цезареја, соопштија од кабинетот на премиерот.

Нетанјаху, кој ниту во тоа време не беше таму, го обвини „Хезболах, сојузник на Иран“ дека „се обидел“ да го убие него и неговата сопруга.

Три дена подоцна, либанското исламистичко движење, поддржано од Техеран, ја презеде одговорноста за нападот.