Со влезот на Црната листа на САД Груби ,,зацрни” повеќе други луѓе

Екс вицепремиерот Артан Груби кој од вчера се најде на Црната листа на САД со дејствијата кои доведоа до одлуката на Вашингтон ,,зацрнил” повеќе други негови блиски луѓе.



Според решението на американскиот Стејт департмент покрај Груби и судијата Беџети на црната листа на САД влегуваат и блиски луѓе на екс вицепремиерот.

Согласно членот 7031(в), Стејт департментот јавно ги назначува Артан Груби и Енвер Беџети за нивна вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, директор на Управата за безбедност на Северна Македонија и Контраразузнавање (УБК). Мијалков беше назначен во 2022 година за значителна корупција според член 7031(в), а OFAC го санкционираше според Е.О. 14033. Како дел од оваа акција се назначени и членовите на потесното семејство на Груби, се вели во одлуката на Вашингтон.

Според американските правила во потесното семејство (во случајов на Груби) спаѓаат неговите сопруга и деца, родители и браќа и сестри.

Тоа значи дека најмалку 8 лица од неговото потесно семејство меѓу кои сопругата, трите деца (сите се до 21 година старост), родителите и неговите двајца браќа нема да можат да патуваат во САД каде им е блокиран целиот имот ако го имаат.

Истовремено според Стејт Департментот на САД поради корупција Груби и неговото семејство претставуваат закана за дестабилизација на Западниот Балкан.

Груби има двајца браќа, еден помал и еден постар, кои работат во приватен сектор, во компании, едната поврзана со сообраќај, другата со туризам, објави порталот Вистиномер пред неколку години.

Еден од неговите браќа пред три години беше во фокусот на јавноста кога од бизнисмен поврзан со државни тендери купи ексклузивен простор во центарот на Скопје за сума која беше премногу ниска.