Социјална помош од сега ќе земаат само живите

Ќе се прочистува списокот на приматели на социјална помош. Од Владата велат дека има многу злоупотреби во системот на исплата и оти социјална помош примале и оние што се починати и оние што се иселени од државата, објави Вечер. Бизнисот, кој одамна бара да се види колкав е бројот на оние што работат на црно и што земаат социјална помош, ја поздрави оваа одлука на Владата. Тие велат дека има над 100 илјади невработени во државата, од кои најголем дел се приматели на социјална помош и кои не прифаќаат работа само за да не ја загубат социјалната помош.



Премиерот Христијан Мицкоски најави две реформи во сферата на социјалната заштита. Првата ќе биде изготвување софтверско решение што јасно ќе детектира кои корисници на социјална помош го злоупотребуваат системот, а втората ќе биде издавање платежна картичка со која примателите на социјална помош ќе користат 50 отсто од сумата за купување македонски производи. Премиерот рече дека мора да се направи таа реформа бидејќи имаме многу парадокси. Има градови каде што бројот на приматели на разна социјална помош или придонесите што се плаќаат за неосигурени лица е поголем од бројот на жители.

Од бизнисот го поздравија овој чекор на Владата и велат дека мора да се стави ред и да се знае точно колку од невработените работат на црно и земаат социјална помош. Од таму додаваат дека ако некој што се води како социјален случај одбие да работи, да му се укине социјалната помош. Не може социјална помош да се прима вечно.

И Иван Пешевски од Сојузот на синдикати на Македонија смета дека невработените што земаат социјална помош не сакаат да бидат пријавени за да не им се прекине социјалната помош. Повеќе на vecer.press.