Уште од 1932 година постоел подготвен договор за признавање на бугарското малцинство во Албанија, но, тој никогаш не бил потпишан меѓу двете земји поради почетокот на Втората светска војна.
На ова го потсетила шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, својот албански колега, Дитмир Бушати на денешната средба за време на министерскиот состанок во Солун.
„Бугарската влада бара гаранции дека секој граѓанин во Албанија е слободен да се самоопредели како што сака. Бев информирана дека за постапката за признавање ќе биде потребно време и кога ќе биде завршена, нема да има пречка “, изјави по средбата со Бушати во Солун, министерката Екатрина Захариева, пренесоа бугарски медиуми.

Прашањето за вклучување на Бугарите во новиот Закон за заштита на албанското малцинство го постави премиерот Бојко Борисов во телефонски разговор со неговиот колега Еди Рама, на 28 септември, а албанскиот премиер рекол дека Албанија нема да им наштети на интересите на бугарското малцинство.
Во јули, за време на нејзината посета на Тирана, министерката Захариева добила уверување од претседателот Илир Мета дека никој во Албанија не може да биде дискриминиран и да биде спречен да се самоопределува.
Вчера бугарски медиуми пишуваа дека прашањето за бугарското малцинство е затворено, дека такво малцинство во Албанија нема, и дека тоа бил ставот на министерот Бушати.
Со новиот закон за малцинства, подготвен од албанската влада, за малцинства во Албанија се признаваат Македонците, Грците, Власите, Црногорците, Србите, Бошњаците и Египќаните.





