Софија ги подели задачите, договорот ќе има контролен механизам

Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева порачува дека задача на македонскиот премиер Заев е да ги убеди партиите во Македонија да го прифатат договорот со Бугарија.



Соред Захариева која вчера заедно со премиерот Борисов се сретна со бугарските амбасадори во ЕУ каде Бугарија од јануари ќе биде претседавач, во договорот има вграден механизам за мониторинг преку кој ќе се оценува неговото спроведување.

Секоја година министрите за надворешни работи на двете земји ќе се среќаваат и ќе анализираат до каде е со неговото спроведување. Доколку една од земјите не ги спроведува точките од него тоа ќе биде лошо за нејзината меѓународна репутација, изјавила Захариева според која, бугарската влада за договорот ќе расправа наредната недела.

Таа очекува дека документот ќе биде потпишан за што гледа волја кај премиерот Заев но не е докрај сигурна дека тоа ќе се случи поради противењето на опозицијата и дел од јавноста во Македонија.

Доцното закажување на расправата за договорот чија база беше договорена минатиот викенд се должи на очекувањето на последните забелешки кои треба да пристигнат од Скопје а со пократка јавна дебата и Захариева и Борисов ќе избегнат критики од делот од бугарската јавност кој инсистира на експлицитно непризнавање на македонската нација и јазик.