„Не ви е ли срам да одите низ селата со патишта полни со кал и да ветувате европска иднина? Не ви е ли срам да зборувате со луѓето, чии плати се помали од вредноста на вашата кравата?“ – ова прашање повторно им го упатува Хасим Мемиши – Сопи, актер од Тетовскиот театар, на разноразните политичари во Македонија преку својата колумна со наслов „Не ви е ли срам?“. Но, со оглед на тоа што ја споменува „европската иднина“, се подразбира дека дека тој овие прашања им ги упатува доминантно на Али Ахмети, техничкиот „албански премиер“ Талат Џафери и нивната партија ДУИ, потоа на Ковачевски и неговите сопартијци-државни функционери од СДСМ, како и на други политичари од други партии од владејачката коалиција, кои толку се пенават, со зборови „градејќи“ ја европската иднина на граѓаните на Македонија, а, всушност, ништо не прават за таа нивна иднина, освен што само што се грижат за своите џепови и за својата лична иднина. Хасим Мемиши – Сопи оваа иста колумна ја објави точно пред две години, но испаѓа дека политичарите тогаш не само што не се засрамиле со ништо, туку продолжиле со уште посилно „да ја градат европската иднина“ на граѓаните на Македонија.
Во колумната, која ја објави сега информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА, Мемиши- Сопи натаму ги прашува „европеизираните“ македонски политичари: Не ви е ли срам да зборувате за квалитет во образованието, во училиштата во кои нема основни услови за настава? Не ви е ли срам да одите со возила со зацрнети стакла во населените места, во кои сенешто е се поцрно и поцрно? Не ви е ли срам да зборувате за меритократија, за напредување според заслуги и способности, кога секое вработување минува преку огранокот на партијата?
Не ви е ли срам да зборувате за спорт, кога единствениот спорт кој вие го знаете е спортот на тендерите? Не ви е ли срам да зборувате за квалитет во универзитетите, кога вашите деца ги школувате надвор од земјата? Не ви е ли срам да зборувате за здравство, кога за секоја контрола вие користите или приватни болници, или бегате надвор од државата? Не ви е ли срам да велите дека сте слуги на народот, додека младината ја направивте ваш слуга?“





