Солунска Глава е планински врв во Македонија на планината Јакупица и е дел од најголемиот македонски масив Мокра Планина, со височина од 2.540 метри. Солунска Глава е одалечена од Солун на 180 километри, но анализите покажале дека никако не е можно да се гледа тој предел затоа што на погледот пречи планината Кожуф, што ја побива приказната дека од овој врв се гледа вториот по големина грчки град. Но без оглед на тоа Солунска Глава е преубаво место, со сите атрибути што ги чинат најбистрите планини на кои има природа, воздух, зеленило, вода, па и најразличен дивеч.

Алпинистички објект е јужната страна на врвот, која претставува амфитеатар со широчина од околу 5 километри и височина од 500 до 1.000 метри. На јужната карпа на Солунска Глава се разликуваат два дела: еден помасивен и покомпактен свртен кон југозапад и друг свртен кон југоисток.

Должината на карпата изнесува од 250 до 700 метри. По состав е варовник со кршливост која варира во различни делови. На карпата има околу дваесеттина алпинистички насоки со многу слаба заштита. Најголемите проблеми во оваа огромна карпа се уште го чекаат своето реализирање. Карпата се карактеризира со чести врнежи, а температурите во летниот период се соодветни на големата надморска височина. Со целиот амбиент, квалитетот на искачувањата, приодот и слегувањето од карпата, Солунска Глава многу потсетува на карпите од долината Тамар или Северната Триглавска карпа во Словенија.





