Сокол Митровски уапсен за незаконска приватизација на земјиште

Девет лица, меѓу кои и донеодамнешниот градоначалник на општината Ѓорче Петров, Сокол Митровски, утрово се приведени за незаконска приватизација на општинско земјиште.
„Поради постоење на основи за сомнение, Основното јавно обвинителство Скопје презема дејствија против повеќе инволвирани лица, кои овозможиле незаконско приватизирање на земјиште во сопственост на една општина. На приватизацијата претходела постапка за утврдување на статусот на незаконито изградени три објекти, која била реализирана спротивно на закон. Како резултат на оваа постапка, извршена е легализација на објектите и приватизација на земјиштето. Со тоа е овозможено земјиштето да биде откупено по цена од 1 евро/м2, додека пазарната цена на лицитација по редовна постапка би била значително повисока“, соопшти ОЈО.
Пензионираниот генерал Митровски ја водеше скопската општина од 2005 до 2017 година.