Величествениот концерт „Велигденски ритам со Танец“ беше совршена хармонија на трогателни стихови, пропратени со божествени звуци, лебдечки чекори на врвни играорци, облечени во традиционални одежди во прекрасни бои и со оригинален крој, дополнети со автентичен македонски накит!
Вака претседателката Гордана Сиљановска Давкова го доживеала концертот на националниот ансамбл за песни ора Танец.

,,Едноминутниот молк за кочанските млади ја натежна апсолутната тишина, се всели во сечие срце и не потсети на националната трагедија што ќе не прати цел живот. Зборовите на директорката дека е тешко да се пее и игра кога срцето пати, разбудија солидарност, сплотеност и длабоко човечко сочувство што нечујно ги поврза присутните.
Богатиот репертоар блесна преку маестрално изведените ора: „Мијачко“, „Поречки игри“, „Кавадарка“, „Преспански игри“, „Драчевка“…. Машките и женските вокални групи и солистите Сузана Спасовска и Драган Николовски, го разоткрија генијалниот код на македонската песна и оро, впишан во вечната колективна меморија.

Ансамблот „Танец“, по повеќе од седум и пол децении постоење е перфектен македонски историски културен феномен на којшто му нема рамен, оти е нанижан од тага и болка, но и од радост и среќа со вулканска сила.
Уште еднаш се докажа дека „Танец“ е еден и единствен, величествен”, пишува претседателката за концертот на Танец.







