Бугарија треба до 15 јуни да даде конечен одговор за тоа што ќе преземе во врска со пресудите на Судот за човекови права за регистрација на здруженијата на Македонците во оваа земја.



Во последната одлука на Комитетот на министри на Советот на Европа содржани се јасни критики кон бугарските власти за досегашното непреземање на никакви мерки за спроведување на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур.

„Се повикуваат властите во Бугарија да ги удвојат своите напори за брзо постигнување опиплив напредок во извршувањето на овие пресуди преку преземање на решителни активности за да се решат недостатоците во функционирањето на сегашниот механизам за регистрација“ (се мисли на регистрацијата на ОМО Илинден, која е носечка организација во групата пресуди „ОМО Илинден и другите против Бугарија“, како и на останатите етнички македонски здруженија, културни друштва и невладини организации), пренесува МКД.МК

Во точка 8 од овој заклучок е направен досега најголемиот исчекор во споредба со другите досегашни одлуки:

„Бугарските власти до 15 јуни 2024 година треба да дадат информации за сите горенаведени прашања. Одлучено е да се продолжи со испитувањето на овие случаи на нивниот 1507 состанок (септември 2024 година).

Ако нема опиплив напредок или распоред за усвојување на убедливи дополнителни мерки, ја изразуваме нашата подготвеност при следното испитување на овие случаи да се разгледа можноста за нова активност насочена кон зајакнување на политичкиот дијалог и соработка со бугарските власти, за да се осигура дека Бугарија целосно, ефикасно и брзо ги спроведува овие пресуди“, пренесува порталот.