„Општинските советници на коалицијата Вреди во Куманово се оградија од изјавите на градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, кој ја нарече УЧК терористичка организација.“ – објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА
ИНА ја пренесува објавата на општинските советници на Вреди на фејсбук, во која истакнуваат: „Се оградуваме од детинските изјави на градоначалникот на општина Куманово во врска со УЧК. Ние не сме во коалиција за доброто на Максим Димитриевски, туку заради реализација на проектите, кои се во интерес на нашите гласачи.“
„За нас периодот на УЧК и нејзината праведна борба е најславниот период од нашата историја во последните сто години. За сите нас УЧК е нашето ткиво. Луѓето, кои ја пишуваат историјата поинаку и оние што ги поддржуваат, не ѝ сакаат добро на оваа земја. Историјата му припаѓа на минатото и наша политичка определба е постигнување целосна рамноправност на Албанците во сите сегменти на формирањето на државата. Тоа е резултат и стремеж и на борбата на УЧК.“





