Советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Вевчани со оставка како револт од СДСМ

Владеењето на СДСМ „како во времето на Информбиро“ и приведувањето на нивниот сопартиец Крсто Мукоски за настаните од 27 април се причините поради кои сите четворица советници на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Вевчани им ги вратија мандатите на граѓаните.



„Како претставници на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘За подобра Македонија’ во Општина Вевчани, сакаме да ја известиме јавноста дека денес, 2 декември 2017 година, во знак на револт и протест од начинот на владеење на оваа гарнитура предводена од СДСМ, како и последните политички хајки врз невини граѓани, а се однесуваат на настаните од 27 април, со што нè враќаат назад 70 години, во времето на Информбирот, во знак на солидарност со сите жртви на овој тоталитарен режим, денес како советници поднесуваме неотповикливи оставки и ги враќаме мандатите што ги добивме од граѓаните на Општина Вевчани. Сега целата одговорност за работата на општината е во рацете на советниците на СДСМ и оставаме сè на нивната совест“, изјави советникот Јовица Лешоски.

На обраќањето пред седиштето на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Вевчани нејзините советници порачаа дека сите предложени кандидати од листата на партијата на последните локални избори ќе ја бојкотираат работата на општинскиот совет. Во него мнозинството од пет члена го има СДСМ, а другите четворица се од ВМРО-ДПМНЕ.

Ова е прв случај во независна Македонија советници да поднесат неотповиклива оставка.