Без присуство на ВМРО-ДПМНЕ, македонското Собрание одговори позитивно на барањето на Основен суд Скопје 1 и им го одзеде имунитетот на шесте пратеници осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Одлуката беше донесена едногласно, односно сите 67 присутни пратеници гласаа за одземање на имунитетот на Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски и Љупчо Димовски од коалицијата „За подобра Македонија“. На сите шестмина со ова им се активира притворот што им го одреди Судот.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, пред гласањето рече дека во Македонија мора да завладее правото, наместо селективната правда, а Артан Груби од ДУИ одлуката ја нарече лекција за 27 април да не се повтори во иднина.
„Желбата на СДСМ е да има апсолутна и неконтролирана власт во Република Македонија. Главна и единствена работа која СДСМ ја спроведува е политички реваншизам, прогон и хајка. СДСМ очигледно не сака во Македонија да постои опозиција, која што со свест и совест треба да се спротивставува на штетните политики. СДСМ е тргната и не запира во намерата да уништува животи, да гази луѓе, да монтира случаи и да прави политички прогон само и само за себе да си обезбеди апсолутно неограничено и неконтролирано владеење“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека „овој политички прогон мора да запре“.
Од најголемата партија во овој парламентарен состав велат дека ги разгледуваат сите можни опции за спротивставување на „безумието“.





