Со 65 гласа „за“ Собранието на денешното продолжение на 14 . седница го донесе Законот за задолжување од 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка.
Против Законот што го предложи Владата гласаа 15 пратеници, а „воздржани“ немаше.
На гласањето му претходеше едночасовна дискусија, во која главни актери беа пратеници на опозицискиот СДСМ, кои веќе се изјаснија дека ќе гласаат против Законот и од ВМРО-ДПМНЕ, кои го бранеа заемот кој, како што рекоа, ќе внесе свежи пари во македонската економија и ќе помогне во развојот на општините преку поддршка на проекти.
Законот во собраниска процедура се најде минатата недела, а стана дел од дневниот ред на 14 седница на предлог на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Воедно беше изгласана и потребата тој да се носи по скратена постапка.
Ова беше повод за реакција од опозицискиот СДСМ, чија пратеничка група во четвртокот преку прес-конференција на која говореше партискиот лидер Венко Филипче ја повика власта да го повлече предлог-законот и да го поднесе во редовна постапка.
Целиот извештај прочитајте го тука.





