Обвинителката за воени злосторства Снежана Станојковиќ за белградскиот весник „Политика“ изјави дека предметот за трговија со човечки органи познат како „Жолта куќа“ сè уште е активен.
„Треба да се почека стартот на таканаречениот суд за ОВК и да се види дали ќе бидат покренати обвиненија во врска со тие настани“, вели обвинителката, која не сакаше да зборува за сведокот кој своевремено зборувал за овој случај, бидејќи податоците од предистражната постапка претставуваат тајна.
Истрагите за таканаречената „Жолта куќа“ во село во близина на Бурел во северна Албанија, не успеаја да ги докажат тврдењата дека бубрези на луѓе билеотстранувани за комерцијални цели во оваа куќа, пишува косовски „Газета експрес“.
Во Ивештај од март 2004 година, изготвен од страна на пет меѓународни експерти од Хашкиот трибунал и на Обединетите нации што го пренесе весникот “Коха диторе“, се наведува дека врз основа испитувањата не биле најдени убедливи докази за сторени кривични дела.
„Врз основа на нашите испитувања, според наше мислење не постои убедлив доказ дека била пролеана крв како резултат на кривични дела во куќа југозапано од Бурел во Албанија“, се вели во извештајот.
Гласините кои кружеа многу години, експлодираа на меѓународно ниво, по извештајот на сенаторот Дик Марти за обвиненија за извршени злосторства за време и по војната од страна на поранешни лидери на ОВК, врз киднапирани и убиени Срби во повоените години во Косово.
„Газета експрес“ пишува дека три паралелни истраги од страна на меѓународните инспектори за воени злосторства на Србија, Европската унија и Советот на Европа не успеаја да откријат било каков доказ дека Ослободителната војска на Косово тргувала со човечки органи.
За случајот на „Жолта куќа“ пишуваше и поранешната обвинителка на Хашкиот трибунал, Карла дел Понте во нејзината книга „Јас и воените злосторници“.
Во последните денови од декември ветерани од некогашната ОВК се обидоа преку петиција и потписи од пратеници да изнуват седница на косовскиот парламент и да го укинат Специјалниот суд за злосторствата на ОВК со седиште во Хаг кој набрзо треба да ги објави и првите обвиненија.






