УЕФА ѝ додели службена победа на фудбалската репрезентација на Романија од 3:0 за натпреварот од Лигата на нациите во Букурешт што Косово одби да го доигра, но ѝ изрече и забрана за публика на следниот официјален меч како домаќин, како и вкупна парична казна од 127 илјади евра.
Во таа сума влегуваат 50 илјади евра за „расистичкото и/или дискриминаторско однесување на нејзините навивачи (во однос на ксенофобични антиунгарски скандирања), 30 илјади евра за „пренесување провокативни политички пораки несоодветни за спортски настан“, 9.000 евра за фрлање предмети, 4.500 евра за палење факели или огномет, 8.000 евра за употреба на ласери, 12.500 евра поради „предизвикување неред за време на националните химни“ и 14.000 евра за блокирање на јавните премини.
Косово, покрај службениот пораз, ќе треба да плати и 6 илјади евра за „несоодветно однесување на неговиот тим“.
Мечот на Националната арена во Букурешт беше прекинат при 0:0 во третата минута од судиското продолжение, кога фудбалерите на Косово го напуштија теренот со образложение дека од трибините се слушале скандирања „Србија, Србија“ и „Косово е Србија“ и потоа одбија да се вратат, па данскиот судија предвреме отсвири крај.






