Бугарскиот претседател Румен Радев отиде на гости кај грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, па двајцата во еден глас повторија дека се подготвени на повторување на „безмилосното вето во ЕУ“ доколку не бидат прифатени од Македонија нивните уцени формулирани како грчко и бугарско толкување на билатералните договори“, пишува Јасминка Павловска во анализа насловена „Сложни непринципиелни соседи го менуваат и меѓународното право“ во „Нова Македонија“
За да ѝ дадат некаков формален карактер на таквата заканувачка реторика – вели Павловска – и да не излезе дека се сретнале само за да ја заплашуваат новата македонска власт, Радев и Мицотакис се сетиле да си го потврдат стратегиското партнерство и гостинот од Бугарија да констатира дека „сè што правиме заедно, Грција и Бугарија, ги одразува безбедноста и стабилноста на нашиот регион“, потсетува Павловска и прашува:
Колкава ли е моќта на Македонија (политичка, воена, економска, интелектуална…) што ги натера лидерите на соседните земји Бугарија и Грција на цел глас да се известат меѓусебно, регионот, па и целиот свет дека го „потврдиле стратегиското партнерство меѓу двете земји“?!
(…)
Нивното грчко-бугарско инсистирање дека меѓународните договори мора да се почитуваат (секако, според нив, само од Македонија) и поддршката од меѓународната заедница дека „иако се такви какви што се“ – тие се непроменливи претставуваат своевиден континуитет на апсурдот во толкувањето на меѓународното право.
Во крајна и почетна линија, почитувањето на договорите е заемна обврска, а условувањето и уценувањето со нив во процесот на евроинтеграции на Македонија се своевиден чин на политичко насилство и, сосема извесно, спротивни на вредностите на Европската Унија, на која (повторно иронија) и Грција и Бугарија се членки.
Освен тоа, спротивно на принципите на Унијата е евроинтегративниот пат на Македонија да оди преку уцените на Софија и Атина и нивните шовинистичко-националистички соништа проектирани во 21 век.
Своевиден заклучок од обновеното „стратегиско партнерство“ на Грција и Бугарија, инспирирано од нивните историски аспирации спрема Македонија и анимозитет спрема постоењето на Македонците, би можел да биде – сложни непринципиелни соседи го менуваат и меѓународното право!





