На денот на огромна тага во Македонија поради трагедијата во Кочани, која не беше доволна за Европската ракометна федерација да го прифати барањето од Ракометната федерација на Македонија за одложување, Словенија славеше со 38:27 во Копер и обезбеди пласман на Европското првенство 2026 во Норвешка, Шведска и Данска.
„Црвено-жолтите“, пак, за задржување на континуитетот настапи на големите натпреварувања ќе мора да ги добијат преостанатите два меча во групата – прво со Естонија на 8 мај од 18 часот во Калев и три дена подоцна во Скопје против Литванија во истиот термин.
Победникот на средбата во која на избраниците на селекторот Кирил Лазаров најмалку им беше до ракомет беше решен уште на полувреме, кое домаќинот го доби со 20:12.
Капитенот Филип Кузмановски беше најефикасен во македонскиот тим со 6 гола од 10 обиди, а голманите Никола Митревски и Иван Галевски запишаа по 6 одбрани.






