Фудбалерите на Словачка, 48. на листата на ФИФА, го приредија најголемото изненадување во досегашниот тек на Европското првенство во Германија со победата од 1:0 над треторангираната Белгија.
Херој на Словаците е Шранц, кој само по седум минути игра ја најави сензацијата во Франкфурт.
Само две места подобра рангираната Романија (46.) од Словачка, однесе уште еден скалп на фаворит, Украина (22.), и тоа во голем стил декласирајќи го противникот на Македонија во квалификациите со 3:0, со головите на Станчу во 29. минута, на Марин во 53. минута и на Драгуш четири минути подоцна во Минхен.
Светскиот вицешампион и еден од конкурентите за највисок пласман Франција прокнижи три бода против Австрија во Диселдорф само благодарејќи на автоголот со глава на Вебер во 38. минута.





