Слобода за Темелко бараат и Македонци од Австралија и од Италија

На повиците од разни страни од Македонија и од дијаспората за ослободување на Едмонд Темелко се придружија и Македонска православна заедница во Австралија, како и Македонско здружение „Камени Мост“ од Италија.



„Македонска православна заедница во Австралија смета дека Едмонд Темелко не можел да биде соучесник во изборен фалсификат во Република Македонија, бидејќи никогаш не бил носител на државна функција во Република Македонија! Од оние кои биле на државна функција со можност незаконски да регистрираат гласачи, никој не е јавно обвинет и притворен!“, соопштија од австралиската организација на Македонците со православна вероисповед. „Темелко, како и секој друг Македонец, имал право да лобира кај Македонците во Мала Преспа да се регистрираат за гласање во Република Македонија, како и да ги организира во гласањето, ако претставници на државните институции во Република Македонија му укажале дека тоа е дозволено. Ако Македонците од Мала Преспа, на чело со Едмонд, мислеле дека тоа е незаконско, не би го правеле јавно, за да им дадат можност на новојаничарските орди јавно да ги линчуваат и исмејуваат. Ниту, пак, противниците на нивното учество на локалните избори во Република Македонија укажаа на некакви кривични дела во тоа време, иако ја покажуваа својата омраза кон сѐ што е македонски и слободарски определено, особено од деловите на Македонија под странска окупација и од дијаспората“.

„Со особено жалење ја прифативме веста дека единствениот Македонец што успешно гради политичка кариера, што се залага за правата на Македонците во соседството, Едмонд Темелко, е уапсен. Сега со уште поголемо жалење, дури и гнев, ги слушаме новостите дека Темелко е тешко болен. Најтрагично е тоа што не му се пружа лекарска помош“, стои во соопштението на Македонско здружение „Камени Мост” од Канели, Италија. „Како и целата македонска присебна јавност, бараме итно ослободување на Едмонд Темелко. Со оглед на тоа што си ги добија изборите, си продолжуваат со црното сценарио за Македонија, нема никаква смисла овој човек да плати со животот поради тоа што ја сака својата земја на потекло“.