Скопската Зоолошка градина остана и без лавот Жика

На 16-годишна возраст угина лавот Жика во Скопската Зоолошка градина, кој во Скопје дојде од зоолошката градина во Белград. Природен процес или системски проблем во грижата за животните?



Според објавата, тимот на ветеринари направил сè што можел, но здравјето на лавот било значително влошено во изминатите неколку денови. Тие информираа дека Жика бил дел од зоолошката градина цели 16 години, а вообичаениот животен век на лавовите е 14-16 години. 

Сепак, оваа трагедија повторно ги отвора прашањата за грижата и благосостојбата на животните во Зоолошката градина во Скопје, особено по објавите за угинувањето на повеќе други животни годинава. Неопходно е да се постави прашањето дали овие загуби се дел од природниот процес на стареење или пак укажуваат на подлабоки системски проблеми кои треба да се решат во најбрз можен рок?

Лавот Жика беше едно од омилените животни во зоолошката градина и него го сакаа како децата, така и возрасните. Во изминатите месеци во скопската зоолошка градина угинаа неколку животни – еутанизирана беше слоницата, а угинаа и две жирафи.