Беким Ќоку, политички советник за Македонија на косовскиот премиер Албин Курти и лидер на тамошната се уште владејачка партија Ветвендосје, но и официјален претставник на оваа косовска партија за Македонија, изнесе скандалозни и крајно неприфатливи ставови за македонскиот народ, изјавувајќи во емисијата OnTime на ТВ-Коха: „Тешко да се сопостои со народ кој не сака да се интегрира во Европската унија, толку тешко што Господ нѐ осуди да живееме со нив!“ Ќоку, кој е и сегашен пратеник во Собранието на Македонија, рекол дека „Албанците можат да ја условуваат ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени, но за тоа е потребно широко единство на сите партии“ и додал оти „тоа мора да се направи, ако македонската страна не размисли за нашите барања“! Овие ставови на Беким Ќоку ги пренесе информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА во својата информација со наслов „Ќоку: Ветвендосје ќе отвори партија во Македонија“. Посебно е проблематична најавата на овој советник на Курти дека Ветвендосје ќе отвори „партија во Македонија“, што фактички значи најава дека Ветвендосје ќе отвори своја „политичка експозитура“ во Македонија, но прашањето е: со каква цел и со какви политички заложби ќе го стори партијата на Курти, чие име на македонски јазик се преведува како „Самоопределување“?! Дали Курти и неговиот политички советник на прагот на парламентарните избори во Косово, закажани за 9 февруари, најавуваат можеби дека ќе поттикуваат нечие „самоопределување“ во Македонија – но какво и чие?! Скандалот е дотолку поголем што Ќоку преку своја објава на фејсбук ги промовираше најдиректно идеологијата и амбициите за територијално прекројување на Македонија од позиции на „Велика Албанија“, прогласувајќи го западниот дел на Македонија „од Тетово и Струга“ како „дел на албанските територии, заедно со Призрен и Пеќ, Приштина и Тирана!“ „Од секој агол на албанските територии, од Струга и Тетово, Призрен и Пеќ, Приштина и Тирана се собраа кај Шадрванот во Призрен, за да го доживеат ентузијазмот на самоопределувачите (членови на партијата Ветвендосје – Самоопределување – заб.прев.), кои на 9 февруари на чело со Албин Курти ќе ја испишат најголемата победа досега. Нема запирање на волјата на народот, затоа што, како што велат Латините, гласот на народот е глас Божји.“ – објави Ќоку на својот профил на фејсбук.
Во споменатата информација на информативната агенција ИНА се наведува: „Пратеникот на Ветевендосје во * Македонија, Беким Ќоку во емисијата OnTime на ТВ-Коха рече дека Ветевендосје ќе отвори политички субјект во * Македонија кога ќе види дека е структуриран низ целата земја. Ќоку рече дека Ветевендосје нема заземено никаква позиција во извршната власт и оти не планира да се кандидира во ниту една општина на локалните избори, кои се очекува да се одржат кон крајот на 2025 година.“
„На прашањето дали Албанците можат да ја условуваат ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени, тој рече дека за тоа е потребно широко единство на сите партии и оти тоа мора да се направи, ако македонската страна не размисли за нашите барања.“
„Исто така, Ќоку рече дека е тешко да се сопостои, да се коегзистира со народ, кој не сака да се интегрира во Европската унија, толку тешко што со свои зборови го опиша како ‘Господ нѐ осуди да живееме со нив!“. – пренесе ИНА.
.





