Коалицијата „Сите за правично судење“ реагира што Судскиот совет и Советот на јавни обвинители назначија свои членови за членови на Управниот одбор на Академијата на судии и обвинители.
Тоа е спротивно на законот, а постапката ја извршија нетранспарентно, со отсуство на јасни аргументи и образложенија. вели коалицијата.
Согласно членот 9 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, во Управниот одбор на Академијата двајца членови ги назначува Судскиот совет од редот на судиите, а двајца членови ги назначува Советот на јавните обвинители, од редот на јавните обвинители.
„На последните седници на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители, одржани на 24.10.2024 и на 29.10.2024 година, се изврши назначување на членови во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. Назначувањето беше извршено на посебно загрижувачки начин, бидејќи обата Совета, наместо да назначат судии и јавни обвинители, назначија членови на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители. Дополнително, назначувањето на членови на УО на Академијата беше извршено на седница на Советот на јавните обвинители која траеше вкупно 11 минути, додека пак Судскиот совет назначувањето го изврши под точката разно од дневниот ред“ соопшти коалицијата.
Покрај тоа, се додава, ваквите одлуки, на типичен начин биле донесени со отсуство на јасни аргументи и образложенија. Што е уште позагрижувачко, одлуките се донесени без каков било претходен процес за изразување на интерес на судиите и на обвинителите, прибирање на податоци, програми за работа и без јавно презентирање на кандидатите за членови на Управниот одбор.
„Ваквото постапување на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители е исклучително загрижувачко, најнапред поради тоа што претставува сериозен ризик од корупција и судир на интереси. Од овој аспект, битно е да се напомене дека членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси забранува избрано или именувано лице истовремено да врши функција на член на орган на управување во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал. Членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се избрани и именувани лица, па не можат да вршат функција во органи на управување како што е Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители“, се вели во реакцијата.
Друг аспект на судирот на интереси е тоа што УО на Академијата е надлежен да одлучува по жалба или приговор на кандидатите за судии и обвинители на одлуките на комисиите кои во Академијата ги изготвуваат конечните ранг листи на слушатели и на кандидати за судии и јавни обвинители.
„Со други зборови, Судскиот совет и Советот на јавните обвинители ќе можат да одлучуваат за истите кандидати во секој од поставените филтри – прием во Академијата, завршување на почетната обука, а потоа и за конечен избор на кандидатите како судии или јавни обвинители. Па така, се поставува прашањето дали членовите на Советите како дел од Управниот одбор на Академијата може да одлучуваат по приговорите на кандидатите, а истовремено да одлучуваат и во рамки на Советите за избор на тие кандидати за судии или јавни обвинители, без тоа да претставува судир на интерес и акумулација на одлучувачка моќ“, реагира коалицијата.
Оттаму нагласуваат дека ваквиот начин на постапување од страна на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители е апсолутно неприфатлив доколку се има предвид членот 14 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, кој предвидува дека член на УО се разрешува од функцијата доколку постапи спротивно на прописите од областа на спречувањето на корупцијата и судирот на интереси.
Целата реакција прочитајте ја тука.





