Скандал во Лигата на нациите: Мечот Романија – Косово не го дочека крајот! (ВИДЕО)

Натпреварот од фудбалската Лига на нациите меѓу Романија и Косово во Букурешт не го доживеа крајот, откако гостинските репрезентативци „одговорија“ на скандирањата „Србија, Србија!“ и „Косово е Србија!“ со заминување во соблекувалната и потоа одбивање да се вратат на теренот на Националната арена во Букурешт.



Во третата минута од судиското продолжение при резултат 0:0 настана мешаница меѓу играчите од двете селекции, а натегањата завршија со повлекување на косовските фудбалери и со барање од данскиот судија Мортен Крег да се испразни делот од трибината со најогнените домашни навивачи.

Но, ни тоа, ни гаранциите од официјалните лица дека безбедноста не е загрозена, не го (раз)убеди таборот на Косово, па судијата мораше прерано да отсвири крај, оставајќи им ја одлуката за конечниот епилог на комисиите на УЕФА.

Мечот на стадионот на кој Македонија пред три години дебитира на европските првенства беше директен дуел за пласман во дивизијата Б меѓу лидерот во групата Романија, која има(ше) три бода повеќе од второпласираното Косово.