Новинарот Горан Момироски во вчерашното издание на емисијата Заспиј ако можеш на ТВ Алфа открива скандалозен случај во кој судија во процес за развод и старателство доделил дете на таткото кој е осуден за семејно насилство.
Во емисијата во која гостинка е Кристина Котеска Стисниоска адвокат специјализирана за семејно право и семејно насилство се зборува за овој многу присутен феномен во Македонија.
Во емисијата Момироски открива информации за негово повеќемесечно истражување за случај во кој е инволвиран сопруг од богато и моќно семејство од Охрид и мајката која е од Скопје.
Момироски открива дека пред десетина дена судијата Ефтим Попески во охридскиот суд носи шокантна судска пресуда со која детето на тригодишна возраст е доделено на таткото кој е правосилно осуден за семејно насилство.
Во предметот полн со процесни грешки сведочела и врвна македонска докторка која е педијатар но на судењето давала психолошки оценки во корист на таткото кој е од пребогата фамилија што е спротивно на судската пракса.
Момироски не го открива името на лекарката но вели дека предметот го следи 8 месеци по што за него може да биде објавен документарец.
За случајот сега по жалба од мајката ќе одлучува Апелациониот суд во Битола кој е надлежен за судските пресуди на охридскиот суд и во случајот за скандалозната пресуда на судијата Попески.
Во Македонија речиси и нема случаи дете на тригодишна возраст да биде доделено на татко освен ако не се работи за мајка која е тежок зависник.
Уште помалку има предмети кога татко со пресуда потврдена од апелационен суд за семејно насилство да добие старателството врз дете, што во емисијата како судска пракса го потврдува и адвокатката Кристина Котеска Стисниоска.
Во случајот Момироски мајката ја нарекува супермајка.
Делот од емисијата каде што новинарот зборува за скандалозната одлука на судијата Попески почнува од 38 минута на емисијата.






