„Датумот 11 октомври 1941 година Славомакедонците го сметаат како историски датум кога некаде во нивниот Прилеп пукнала ‘партизанска’ пушка и тие денес ги одбележуваат спомените за своите ‘дедовци’. Во октомври во 1941 година тогашна Македонија беше географски поим и ‘македонски’ народ не постоеше. Оваа творба од трева својот ‘дедо’ го има во седницата на АВНОЈ во 1943 година.“ – овие зборови, кои се тешка провокација и целосна негација на постоењето на македонскиот народ и на неговата борба за слобода и создавање своја национална држава Македонија, ги изнесува историчарот-Албанец и публицист од Македонија Еуген Шеху во својата скандалозна „колумна“ со наслов „Славомакедонска прикаска…“. Колумната, во која Шеху е означен како „активист во дијаспората“, ја објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА. Посебна дилема е: зошто се пренесуваат во медиумскиот простор во Македонија ваквите писанија исполнети со навреди, омаловажувања и екстремен шовинизам кон македонскиот народ, како и со отворени великоалбански стремежи кон македонската територија? Бидејќи, сево ова може да предизвика дополнителни опасни искричења во ионака кревките меѓуетнички односи во Македонија. „Експрес“ ги пренесува покарактеристичните делови од оваа „колумна“, само за да укаже дека ваквите „полнења“ на медиумскиот простор во Република Македонија со етничка омраза и негирање на Македонците како народ, наречени како „Славомакедонци“, па дури и како „творба од бусен трева“, можат да имаат само негативни последици врз меѓуетничките односи, кои треба да се градат, а не да се „вжештуваат“.
Покрај другото, Еуген Шеху во својата „колумна“ изнесува: „Датумот 11 октомври 1941 година Славомакедонците го сметаат како историски датум кога некаде во нивниот Прилеп пукнала ‘партизанска’ пушка и тие денес ги одбележуваат спомените за своите ‘дедовци’. Си знаат самите тамошните албански историчари зошто не реагираат на ова, но малку е потешко да се излезе од рувата на робот. За тоа треба смелост, а неа се уште ја нема.“
„Ова се празни ломотења и историски лаги, кои ги имаат Словените во своите традиционални гени да ја присвојуваат и да ја искривуваат историската вистина, дури и врз грбникот на несловенските народи. Во октомври во 1941 година тогашна Македонија беше географски поим и „македонски“ народ не постоеше. Оваа творба од трева својот „дедо“ го има во седницата на АВНОЈ во 1943 година.“
„Датумот 11 Октомври е голема лага, за кој Славомакедонците сакаат многу сакаат да се претстават дека се бореле ‘некогаш’ за својата слобода против фашистичките Бугари во Бугарија, но не на целата територија на Македонија, бидејќи во албанска Македонија Албанците беа зафатени во војната меѓу себе. Во тоа време географскиот простор на Македонија бил поделен меѓу Бугарија и Албанија. Нивните историчари знаат како било на страната на Бугарија, но на страната на Албанија Славомакедонците немале ниту пушка, ниту нож, а камоли да можеле да „војуваат“ против албанските националисти.“





