Температурата во непосредна близина на пожарите во Неготинско се движи и до 80 степени целзиусови поради што противпожарните екипи составени од различни институции и доброволци имаат тешка задача да се справат со огнената стихија која ја зафати Македонија.
Оваа информација денеска ја сподели директорот на ЦУК Стојанче Ангелов кој ја пречека претседателката Гордана Сиљановска Давкова во зоната на пожари во Неготинско каде заедно ги следеа напорите за гаснење на пожарот во овој крај на Македонија.
Претседателката утрово го потпиша зголемениот број на армиски припадници кои се вклучени во гаснење на пожарите по што се упати во најзагрозеното подрачје каде беше пречекана од заменикот началник на генералштабот на АРМ генералот Азим Нуредин, градоначалникот на Неготино Горан Стојанов, директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.

Претседателката Сиљановска Давкова од страна на директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, беше информирана за актуелната состојба со пожарите и активностите што се преземаат за нивно локализирање.
Врз основа на укажаната потреба и побарувања за поголем обем на ангажман во гасењето на пожарите, претседателката Сиљановска Давкова изутринава донесе одлука за ангажирање на дополнителни 200 припадници на Армијата во напорите за гасење на пожарите, со што вкупниот број на ангажирани армиски припадници е 300.
Припадниците на Армијата од составот на Командата за операции и Командата за обука и доктрини ќе извршуваат активности по насока на Центарот за управување со кризи, кој е надлежен за координација на сите вклучени институции.






