Сиљановска-Давкова на средба со претставници на ММФ: Флуктуациите имаат значајно влијание врз економијата

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги примила шефицата на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во земјава, Анет Кјобе и високиот регионален претставник на ММФ за Западен Балкан и шеф на Канцеларијата во Скопје, Себастијан Соса.



На средбата се разговарало за економската состојба и спроведувањето на реформите, мерките што треба да се преземат за одржување на економската и финансиската стабилност во услови на флуктуации во глобалната економија, како и за соработката со меѓународните финансиски институции.

Имајќи предвид дека флуктуациите имаат значајно влијание врз економиите, особено на помалите земји, претседателката се заблагодарила за досегашната финансиска поддршка на ММФ за ублажување на глобалните шокови. Во таа насока претставниците од ММФ ги споделиле нивните прогнози и видувања за досегашните мерки и политики.

Соговорниците размениле мислења и за измените во Законот за Народната банка, во делот на начинот на распределба на добивката. Претседателката укажала дека структурните реформи нужно наметнуваат потреба од дебата и поголема вклученост на експертската јавност во креирањето добри и одржливи решенија.

Во контекст на потребата од приоритизирање на трошоците, заради намалување на проинфлаторните ефекти, на средбата била нагласена важноста на инвестирањето во инфраструктурата и дигитализацијата, како и во образованието, здравствениот сектор и борбата со корупцијата. За соговорниците, македонската реформска агенда отвора можност за развој на земјата.

Претседателката истакнала дека билатерализацијата на македонските евроинтеграции ги успорува реформите и дека е нужна дебилатерализација на процесот на проширување.

Таа го реафирмирала ставот дека најдобри инвестиции се оние во образованието, науката, инфраструктурата и културата. Тоа, според неа, ќе го намали одливот на квалитетни кадри и ќе ги поттикне младите своите потенцијали да ги искористат дома.

Во дијаспората претседателката препознава важен фактор на македонската економија.