„Притисок врз судството и момент на слабост.“ – ова е оценката на претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова во врска со изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој рече минатата недела дека е подготвен да излезе на протести, ако поранешниот министер за економија и висок партиски функционер Крешник Бектеши биде обвинет за трагедијата во Кочани.
Одговарајќи на новинарско прашање, претседателката на државата рече таа за разлика од Ахмети ќе ги мери зборовите оти не сака да се меша во судската власта. „Сите, па и Ахмети и ДУИ многупати се повикувале на независноста на судската власт, но ваквиот говор всушност значи притисок врз судската власт. Не сакам да давам оценка на квалификацијата, веројатно е момент на слабост, но треба да го почитуваме начелото на поделба на власта и партиите треба да се држат настрана.“ – посочи шефицата на македонската држава. Таа рече дека за нас како држава честопати велат дека не може да се направи разлика меѓу тенката линија каде завршуваат партиите, а каде почнуваат државните институциите.
Претседателката Сиљановска-Давкова во овој контекст додаде и дека државите, во кои партиите понекогаш се претставуваат како да се државни институции, а не се, се нарекуваат партитократии што, како што рече, не е демократски модел. „Се надевам дека ова беше само една изјава и оти Ахмети и ДУИ, кои две децении биле во власта, научиле дека треба да се почитуваат институциите, Судот е тој, којшто ќе пресуди дали некој згрешил, или не. Се разбира презумпцијата на наивност важи за сите, па и за господинот (Бектеши – ред.заб.)“. – укажа претседателката на државата.
Лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети во петокот рече дека ако поранешниот министер за економија Крешник Бектеши биде обвинет за трагедијата во Кочани, тој ќе излезе на улица и нема да се врати додека не предизвика со локалните избори да се одржат и предвремени парламентарни избори. Тој посочи дека „во секој момент како од шега може да извади на улица 10 илјади поддржувачи на ДУИ, кои би протестирале секоја недела“.
Коментирајќи ја изјавата на лидерот на ДУИ, премиерот Христијан Мицкоски вчера го повика него да извлече поука и наместо да се заканува со излегување на улица, да се насочи на структурни реформи во својата партија. Премиерот го советуваше Ахмети, велејќи дека ако е мудар како што се претставува, да направи програмски и кадровски промени, да понуди нови ликови и нова програма, со цел да ја врати довербата на граѓаните.





