Не била отворена темата околу употребата на уставното име со грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис на вчерашниот Самит на земјите вклучени во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Скопје, информираше претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
„Не беше отворена темата. Седевме еден до друг. Многу сум задоволна што дојде. Оставивме простор бидејќи му доцнеше летот, да се обрати како последен.
Пораките му беа регионално обоени, дека треба да си помагаме, да градиме владеење на правото, да го почитуваме меѓународното право, дека треба да продолжиме таму каде што имаше многу јасни определби на Солунскиот самит. Тоа беа разговорите.
Мислам дека атмосферата беше пријатна, пријателска, беше и заменик министерката за надворешни работи, со која се познаваме. Мислам дека луѓето од Балканот кога е потребно умееме да се разбереме. Многу сум задоволна особено поради целосно усогласената декаларација која беше усвоена“, рече Силјановска Давкова.
Претседателката, одговарајќи на нoвинарско прашање, изјави дека не верува дека тоа што го употребува името Македонија, без додавката „северна“, може да создаде проблеми.
„ Моите документи, тие што ги потпишувам, тие што ги поседувам, пасош, лична карта, сите документи кои излегуваат од кабинетот се со уставното име. Тоа е во рамки на меѓународното право и во рамките на Уставот.
Точно е дека секоја изјава на луѓето од политиката, од оние кои се на функции се толкува како да е официјален чин, но секој од нас има, како јин јанг две лица, едно офцијално и едно друго.
Јас како човек имам право, повторувам од Сократ до денеска, во рамки на слободата и мислата, слободното изразување на мислата, да се изразувам така како што тоа го правам и не мислам дека тоа е кршење ниту на Уставот ниту на меѓународното право, изјави претседателката Силјановска Давкова.






