Сиљановска-Давкова: Да не ја заборавиме трагичната судбина на македонските Евреи кои завршија во Треблинка

 

Говорејќи за значењето на денешното одбележување на 80-годишнината од ослободувањето на германскиот нацистички логор Аушвиц, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова синоќа апелираше да се воспостави традиција за организирани посети на Треблинка во чест на трагичната судбина на македонските Евреи кои завршиja во нацистичкиот конц-логор.



„Таа почит треба да стане дел од нешто што ќе го практикуваме, ќе потсетуваме, велејќи дека не само што не веруваме дека такво нешто ќе се случи повторно, туку треба да кажеме дека додека сме живи и оние по нас никој никогаш не смее да дозволи да се случи такво нешто“ , рече претседателката.

Претседателката се осврна и на трагичната судбина на македонските Евреи, кои завршиле во логорот Треблинка.

„Она што шокира е фактот дека само неколку месеци по депортацијата, логорот во Треблинка бил затворен. Можете да замислите што се случило со нашите 7,144 сограѓани“, истакна Сиљановска Давкова.

Денот на кој се одбележува ослободувањето на Аушвиц, порача таа, е ден кој означува не само ослободување на над 7.000 затвореници, туку и ослободување на човештвото.

Ослободувањето на Аушвиц: Што открија советските војници на 27 јануари 1945 година

Свесноста за злото, како што рече, е клучна за да се спречат трагедии од вакви размери:

„Кога луѓето се свесни за злото, секогаш велат: ‘Никогаш повеќе!’. Се надевам дека извлековме некои поуки 80 години потоа, и дека искажаното ‘Никогаш повеќе’ ќе биде навистина –  никогаш повеќе.“

Претседателката оцени дека запознавањето со Холокаустот мора да биде дел од образованието и општествената свест зашто, како што рече, ако меморијата не се негува и храни, може да ја снема или да се извитопери.

Порача дека не смее да има дете, млад човек или возрасен кој не знае што е холокауст.

Претседателката на Македонија Силјановска-Давкова денес на 80-годишнината од ослободувањето на германскиот концлогор Аушвиц, во Полска