Сител и Канал 5 со најголем ќар од СДСМ за изборите

Социјалдемократски сојуз на Македонија објави дека во кампањата за локалните избори најмногу (ќе) плати за телевизиско рекламирање на Сител, каде што цехот на владеачката партија е 155.637 евра за 32.974 секунди за двата круга.
Веднаш по Сител, најмногу (ќе) се офајди Канал 5, уште една телевизија што Зоран Заев пред извесно време ја означи како „непријателска“, кај која коалицијата предводена од социјалдемократите се рекламирала за 106.389 евра за вкупно 35.463 секунди откупен простор.
„Во моментот став на СДСМ и мој личен став е дека најголем политички непријател за нас како опозиција се медиумите како што се Сител, Канал 5, Алфа ТВ, Дневник, и МРТ. Вие сте медиуми коишто меѓу другото се финансирате и од пари на граѓаните, тоа се мои пари и ваши пари и на опозиционери и на поддржувачи на власта. Се бориме за независни медиуми и секоја меѓународна пракса која што може да најде примена во Македонија, а ќе биде во функција на независни медиуми, за нас е прифатлива“, изјави Заев на прес-конференција на 1 декември 2015 година.
Според парите што треба да ги добијат од СДСМ по Сител и Канал 5 следуваат Телма со 93.578 евра за платена политичка програма од 19.825 секунди, потоа ТВ 24 со 73.602 евра за 49.899 секунди и Алсат М со 71.249 евра за 27.447 секунди.
Од партијата додаваат дека се рекламирале и на уште неколку регионални и локални телевизии, радио станици, интернет портали и печатени медиуми во сооднос сличен на последните парламентарни избори во декември минатата година.