Синодот на грчката црква в петок вонредно за митингот во Солун

Според информации на грчките медиуми, Светиот синод на Грчката православна црква в петок ќе одржи вонредна седница, свикана од архиепископот на Атина и на цела Грција, Јероним, а посветена на последните случувања околу митингот во Солун против зборот Македонија во името на северниот сосед.



На новинарска констатација за присуството на девет митрополити на протестот, архиепископот одговорил со прашање „од 82?“.

„Мислам дека Неговото блаженство со својата изјава го намалува значењето на архиереите. И митрополитот Герман Каравангелис своевремено беше предводник на борбата за Македонија“, коментира неименуван епископ.

Синодот неодамна зазеде став против тоа зборот Македонија да биде содржан во името на македонската држава, но по средбата на архиепископот Јероним со премиерот Алексис Ципрас е забележлив обидот од челниците на Црквата да ги дистанцира своите претставници од националистички манифестации во периодот што се смета за клучен во решавањето на повеќедеценискиот спор.

Митингот во Солун и тој ден претходно во Ајгио, покажаа дека, сепак, Црквата нема целосна контрола врз свештените лица.