Бизнисмените се согласуваат со можноста за намалување на работното време, односно работна недела од 35 часа да се внесе како опција за работодавачите во Законот за работни односи, но со назнака да се применува кај работодавачите кои можат да го дозволат тоа без да им ја намалат платата на работниците и да не изгубат од конкурентноста на пазарот. Синдикатите во овој предлог на СДСМ гледаат само предизборна популистичка мерка која не може да се реализира без вистинско мерење на продуктивноста на работниците во сектори и без анализа дали може да се примени за сите работници.
Ова е првата реакција по најавата на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи дека доколку СДСМ остане на власт по парламентарните избори ќе го намали бројот на работни часови во текот на неделата на 35 часа во 3 сектори со тоа што на работниците нема да им се намалат платите. Според вицепремиерот, мерката ќе ја зголеми продуктивноста и бројот на работници.
Бизнисмените сметаат дека во дел од услужните дејности е можно да се намали дневниот ангажман на работниците, но тоа не може да се воведе во индустријата, посебно во трудоинтензивната која и сега има високи трошоци за работна рака и едвај се бори со конкуренцијата на пазарот.
– Добро е да се воведе како опција во Законот за работни односи, но за индустријата, посебно трудоинтензивната и во онаа каде што се работи во 3 смени вакво намалување на работното време не е изводливо од повеќе причини. Прво во различни сектори имаме различна продуктивност, па секое неисполнување на предвидените норми ќе значи зголемување на трошоците по работник. Или поинаку да кажам не може на работниците од 10 прсти да им ги зголемиме на 15 за да го изработат она што го работат за 7,5 часа сега во текот на работниот ден. Продуктивноста може да се зголеми само со автоматизација на производството, а не со желба работниците за помалку часови да изработат повеќе производи. Друг проблем е што со намалување на работните часови ќе се зголеми потребата за нови работници кои во земјава ги нема зашто оние кои се невработени не сакаат да работат или земаат социјално и работат во сивата зона. Тоа треба да го согледаат сите и најмногу политичарите. Проблем е и тоа што трудоинтензивните дејности и сега не се конкурентни на пазарот со своите производи во однос на производот кој доаѓа од Далечниот Исток бидејќи имаат далеку повисоки трошоци за работниците од таму, а со зачувувањето на истите плати тоа ќе биде уште потешко – вели Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи и сопственик конфекцијата „Мода“ од Свети Николе.
Тој додава дека покрај во текстилната индустрија ваков начин на работа нема да може да се воведе ниту во земјоделството, ниту во градежништвото, а најмалку во компаниите кои работат во 3 смени.
– Еве за почеток нека им предложат на „Бехтел и Енка“ да го организираат работното време на работниците на ваков начин. Дали ќе прифатат? – вели Димитров.
Тој смета дека вакво работно време може да имаат банките, осигурителните компании и повеќето услужни дејности.
Синдикатите сметаат дека на влада која им понуди на работниците да работат 6 дена во неделата по 12 часа не може да ѝ се верува дека направила добра анализа за да предложи намалување на работните часови од 40 на 35 во текот на неделата.
Целиот текст прочитајте го тука.





