Декласифицирањето на договорите меѓу државата и бизнисмените ќе покаже колку Македонија давала помош на странските инвеститори, информираа од Владата. За седум дена Генералниот секретаријат треба да изготви листа на државните институции кои склучувале вакви договори, по што точно ќе се знае колкав е бројот на договорите, кој ги склучувал и кој ги класифицирал како информации недостапни за јавноста. Одлуката на Владата е во согласност со Планот 3-6-9.
„На седницата исто така се задолжијат Агенцијата за странски инвестиции и Техничко- развојните индустриски зони, како и сите други министерства и државни органи, кои се создавачи на вакви информации, истите да бидат декласифицирани. Во рок од седум дена, Генералниот секретаријат на Владата треба да изготви листа кои институции имаат подготвено вакви договори за државна помош на странски инвеститори. Сите кои се класифицирани, согласно вчерашната одлука, ќе бидат декласифицирани од интерес на јавноста“, изјави владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на последната средба ги информирал странските инвеститори за намерата на Владата за декласифицирање на договорите. Ваквата одлука не задира во работата на странските инвеститори, велат од Владата и додаваат дека бизнисите остануваат тука и се заштитени. Надлежните подготвуваат и анализа за бенефитот од странските инвестиции во земјава. Во Македонија има 15 технолошко- индустриски развојни зони.





