Симеон Кавракиров, борец за обединета Македонија и против бугарското негирање на македонскиот народ, убиен на 14.6.1934

На 14 јуни 1934 година, во Пиринска Македонија, од куршумите на бугарските врховисти-ванчомихајловисти, кои биле во тесни врски со бугарските фашисти, бил убиен македонскиот револуционер Симеон Кавракиров. Убиството се случило во месноста Динков Дол, во пазувите на планината Рила, во атарот на селото Белица, Разлошко, во Пиринска Македонија, денес во Бугарија. Кавракиров бил секретар на ВМРО (Обединета) за Пиринска Македонија.



Симеон Кавракиров, македонски револуционер, следбеник на идеите на Гоце Делчев и содеец и на Панко Брашнаров и Димитар Влахов, е роден на 16 ноември во Солун, во Егејскиот дел на Македонија е роден. Кавракиров се борел за создавањето слободна и независна држава Македонија и обединувањето на македонскиот народ во нејзините природни етногеографски граници, во сите три делови на етничка Македонија Сто дваесет и шестата годишнина од раѓањето на Кавракиров е соодветен повод за навраќање кон неговата личност,  живот и дело, за да можат појасно да се разберат денешните барања на Бугарија за промена на македонскиот устав и нејзиниот третман на Македонија и негирање на македонскиот народ во континуитет повеќе од еден век.

Во 1919 година Симеон студирал право на Софискиот универзитет. Уште како млад се определува за револуционерна активност. Кавракиров станал секретар на Обласниот комитет ВМРО (обединета) за Бугарија од 1928 година. Под прекарот Павел работел на формирање групи на ВМРО (обединета) на територијата на Пиринска Македонија. Неговата активност во Пиринскиот дел на Македонија му била спротивставена за дејствувањето на ВМРО на Иван Ванчо Михајлов.

„Мисли ли бугарската влада дека Македонците се племе, на кое не треба да му се даде и воздух да дише, ако има можност?“.

На 8 јуни 1932 во Софија терористи на жестокиот негатор и крвник на македонскиот народ Иван Михајлов по негова наредба го грабнале Кавракиров и со автомобил го однеле во непознат правец. Неговата заложничка драма траела две години и за тоа време тој бил измачуван. При обид за бегство на денешен ден, на 14 јуни 1934 година на планината Рила, во близина на селото Белица бугарските врховисти го убиле Симеон Кавракиров, секретарот на Обласниот комитет на ВМРО (обединета) за Пиринска Македонија.

Во тогашното бугарско Собрание народниот пратеник С. Иванов побарал одговор кој и зошто го грабнал Кавракиров и дали тогашната бугарска влада размислува дека „Македонците се племе, на кое не треба да му се даде и воздух да дише, ако има можност?“.

Каквракиров како истакнат деец на ВМРО-Обединета, која се пројавила како продолжувач на револуционерната организација на Гоце Делчев

По Горноџумајските настани во 1924 година во македонското револуционерно движење доаѓа до целосен расцеп. Иван (Ванчо) Михајлов и неговите приврзаници со поддршка од најреакционерните политички кругови во Бугарија иуспеале да воспостават контрола врз легалните македонски емигрантски организации во Бугарија. Како реакција на таквата политика, проследена и со убиства и атентати, се формира ВМРО (обединета), која се пројавила како продолжувач на старата револуционерна организација на Гоце Делчев и како македонска национална организација, што започнала активности во Пиринскиот дел на Македонија.

ВМРО (обединета) била формирана врз основа на принципите на Мајскиот манифест од 1924 година. Таа имала Централен комитет со седиште во Виена. Нејзин официјален орган бил весникот „Македонско дело“. ВМРО (обединета) настојувала да прерасне во масовно македонско национално движење за извојување слободна и независна Македонија во рамките на нејзините географски и економски граници. Нејзини најистакнати дејци биле: Панко Брашнаров, Димитар Влахов, Симеон Кавракиров, Владимир Поптомов, Андреја Чипов, Методија Шаторов-Шарло и др.

„За бугарските шовинисти Македонците се Бугари, а ВМРО (обединета) треба да ги разоткрие умувањата, што им одречуваат на Македонците дека се нација…“

ВМРО (обединета) во споредба со михајловистичката ВМРО имала јасни македонски национални позиции. Ова е особено забележливо во написот на весникот „Македонско дело“ од 1934 година во кој било истакнато: „Буржоазијата на владејачките нации на трите империјалистички држави, меѓу кои е поделена Македонија, ги негира постоењето и националните особености на македонскиот народ… Бугарските шовинисти изјавуваат дека Македонците се Бугари и така настојуваат да ги оправдаат завладувањето со Петричко и својата анексионистичка политика спрема цела Македонија… Водејќи борба против раздробувањето на македонскиот народ и за национално ослободување и обединување на сите делови на Македонија, ВМРО (Обединета) треба да ја разоткрие вистинската смисла на сите умувања, што имаат цел да им одречат на Македонците карактер на нација…“

ВМРО (обединета) на чело со Симеон Кавракиров успеала да воспостави организациска структура во сите делови на Македонија и постепено го ширела своето влијание во македонските средини. Сето тоа придонело да се загрозат позициите на Иван Михајлов и неговите приврзаници. Затоа Иван Михајлов започнал да подготвува планови за атентати и убиства врз членовите на раководството на ВМРО (Обединета) во Пиринска Македонија. Во овие рамки било извршено и убиството на Кавракиров.

Извори: „Нова Македонија“ и „Скопско ехо“.