Оние кои се во ЕУ нам ни правеа проблеми и забораваат дека во Лисабонскиот договор има еден член 8 што вели дека „ЕУ ќе ги поттикнуваат договорите со соседите врз реципрочна основа и ќе и помагаат на патот кон ЕУ“,  рече синоќа Гордана Силјановска-Давкова во гостување во „Трилинг“ за ТВ24.



Професорката и кандидат за претседател на државата нагласи дека „ако склучуваме договори за пријателство и добрососедство нема потреба од закани со вето кое е најмалку пријателство и добрососедство“.

Силјановска вели дека доколку биде избрана за шеф на државата, би водела „скандинавска политика“ што значи дека земјите од регионот мора да се обединат налик на поддржувачкиот однос на Шведска, Финска и Данска кон Летонија, Естонија и Литванија на патот кон демократизацијата.

За тоа, таа очекува први да ни помогнат блиските држави членки во ЕУ, но тие, рече, „не можат да излезат од балканска логика на условување, национализам, балканизација, корупција и криминал“.

Запрашана дали би го поканила на тет-а-тет средба претседателот на Бугарија, Румен Радев, одговори: „се разбира, не можете да избегате од географијата и од геополитиката“.

Според неа може да течат преговорите со Бугарија, но ветото не би смеело да се употреби заради темелните принципи на ЕУ.

„Може со анекс, толкување, со меѓусебен договор дека ветото нема да се употреби како камшик со кој ќе се заканувате на соседите“ рече Силјановска-Давкова објаснувајќи дека со односот „вето ни стои над глава“, Бугарија фактички го крши Договорот за добрососедство и пријателство со Македонија.