Претседателката на Република Македонија Гордана Силјановска-Давкова од вчера, 3 април, се наоѓа во работна посета на Бугарија, заради учество на состанокот на шефови на држави и влади „Акаба процес Балкан III“ во Софија. Посетата се реализира на покана на претседателот на Република Бугарија Румен Радев и кралот на Јордан Абдула Втори. Македонската претседателка ќе говори денес на првиот дел од состанокот, насловен „Идентификување и разбирање на заканите”. За време на посетата предвидени се средби на претседателката на Македонија Сиљановска-Давкова со претседателот на Република Бугарија Румен Радев и со кралот на Јордан, Абдула Втори. Во рамки на престојот во Софија претседателката вчера ја посети и болницата „Пирогов”, каде што се лекуваат дел од повредените од пожарот во Кочани. Ова го објави информативната агенција Макфакс.
Во врска со овој состанок на шефови на држави и влади во главниот град на Бугарија англиското издание на бугарскиот информативен портал „Факти“, покрај другото, извести: Покрај претседателката на С.Македонија Гордана Силјановска-Давкова, и претседателот на Србија Александар Вучиќ на покана на Румен Радев се наоѓа од вчера, 3 април во дводневна работна посета на Бугарија, заради учество на состанокот на шефови на држави и влади „Акаба процес Балкан III“ во Софија.
Форумот „Акаба процес за Балканот III“ е продолжение на претходните состаноци на оваа тема, одржани во рамки на иницијативата во 2016 година во Акаба, Јордан и во 2018 година во Тирана, Албанија. Целта на форумот во Софија е државните лидери од Југоисточна Европа, заедно со претставници на влади, институции и партнери на „Процесот Акаба“, да ја анализираат безбедносната архитектура на Балканот, да разговараат за регионалните механизми за размена на информации и да ги координираат напорите во борбата против илегалната миграција, тероризмот, радикализацијата и екстремизмот.
„Процесот Акаба’ е серија меѓународни состаноци, првпат иницирани од јорданскиот крал Абдула Втори во 2015 година. Целта на оваа серија меѓународни состаноци е да се одржи меѓународната и регионалната координација и соработка во борбата против тероризмот, екстремистичките идеологии и радикализацијата преку сеопфатен пристап. Заради поттикнување отворен дијалог меѓу учесниците на состаноците на ‘Процесот Акаба’, дискусиите се одвиваат во неформално опкружување.“, се наведува во соопштението од Претседателството на Република Бугарија. – објави „Факти“.
Инаку, по вчерашната посета на осумте македонски пациенти во болницата „Пирогов“ во Софија, чија здравствена состојба е стабилна, македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова во својата објава на фејсбук истакна: Со чувство на длабока и искрена грижа најпрво ја посетив болницата „Пирогов“ во Софија, каде што се згрижени и се лекуваат македонските граѓани повредени во трагичниот пожар во Кочани. Во разговорот со министерот за здравство на Бугарија проф. д-р Силви Кирилов, заменик-директорот на болницата, проф. д-р Николај Габровски и раководителката на Одделот за изгореници и пластична хирургија доц. д-р Маја Аргирова бев информирана дека здравствената состојба на осумтемина македонски пациенти е стабилна. Тие се наоѓаат под постојан надѕор од врвни, искусни лекари и нивното закрепнување бележи напредок. Во присуство на лекар-Македонец ми беше овозможен подолг разговор со најблиските роднини на македонските пациенти. Тие најпофално се изразија за болничкиот персонал и искажаа радост за видно подобрената состојба на нивните најмили. Се сретнав и со дел од бугарските медицински тимови, кои директно учествуваа во укажувањето итна медицинска помош: им изразив особена благодарност за нивната пожртвуваност, човечност и професионалност. Нивната благородна мисија е вистинско олицетворение на медицинската етика, солидарноста и хуманоста, вредности коишто ќе останат темел на заемна почит и искрено пријателство меѓу двата блиски народа, бугарскиот и македонскиот.





