Силјановска-Давкова: Дојде време, дојде час да си замине оваа власт

Ако се познава денот по утрото, а на утрото мислам на вчерашното, тогаш мислам дека дојде, нешто што јас го кажав на последниот митинг, време – дојде час да си замине оваа власт.



Ова во изјава за медиумите го кажа кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, откако гласаше на избирачкото место 2886 во Општинското основно училиште „Коле Неделковски“ во Скопје.

Прашана што очекува од првиот круг од претседателските избори, таа рече дека никогаш не агитира за себе и оти граѓаните знаат за кого да гласаат, знаат да си го искористат избирачкото право, за кое, како што додаде, генерации гинеле за негово користење.

„Значи, направете го вистинскиот избор, споредете не само програми, споредете што се случуваше. Јас бев во Собранието, сегашниот претседател беше претседател, мислам дека многу лесно може да донесете одлука. На сите, во секој случај, им посакувам успех“, рече Силјановска-Давкова.

Коментирајќи го изборниот систем, таа рече оти е многу чуден, притоа осврнувајќи се на изборниот праг од 40 проценти во вториот круг од претседателските избори. Според неа, на идните избори треба да се примени препораката на Венецијанската комисија и ОБСЕ/ОДИХР за негово отстранување.