Секој 10-ти работник во земјава е нецелосно пријавен и освен на сметка, зема плата и во плик. Со тоа државата губи околу 250 милиони евра годишно. Повеќе од 20 отсто од сработеното е непријавено, покажува најновиот извештај на Фајнанс тинк за неформалната економија во земјава. Најголеми прекршувања има во преработувачката индустрија, каде што една третина од сработеното не се пријавува. Не е за занемарување ниту градежништвото, кое учествува со нешто на 20 отсто од оваа непопуларна листа.
Ова го покажуваат податоците од нова студија на Finance Think -институт за економски истражувања и политики – „Грануларно испитување на неформалната економија и увид во неформалните работници, непријавената работа и нецелосното пријавување на доходот во домаќинствата”.

Според истражувањето 11,8% од вработените се непријавени – неформални работници. Половина од нив се концентрирани во земјоделството, од кои доминантен дел се неплатени семејни работници. Други два важни сектори за неформалните работници се градежништво и трговија. Тие обично работат во мали фирми, функционирајќи како самовработени лица или неплатени членови на семејството, често заработувајќи плата под минималната.
- Овој вид работници претежно се мажи со низок степен на образование, освен кај неплатените семејни работници каде што доминираат жени – утврдило истражувањето.

Но, велат експертите загрижува појавата на нецелосно пријавената работа која е далеку позначајна и пообемна отколку целосно непријавените работници. Податоците покажуваат дека дури 21,1% од вкупниот број работници се нецелосно пријавени што е 69,7 милијарди денари од бруто додадената вредност (БДВ). Тоа се, околу 250 милиони евра изгубен годишен приход во буџет, само по таа основа.
Појавата на нецелосно пријавени работници ја има во повеќе сектори, со најголем обем во апсолутна смисла во преработувачката индустрија. Наодите во истражувањето укажуваат на разни манифестации на непријавената работа низ секторите, во преработувачката индустрија главно како „плата во плико“.

Истражувањето оценува дека вкупно, 9,7 милијарди денари (158 милиони евра) од приходите на домаќинствата во земјава не се пријавени. Во овој износ приходите од вработување имаат минимална улога, со само 3,7 % но во апсолутна смисла околу 6,8 милијарди денари (111 милиони евра). Во релативна смисла најзначајни се приходите од изнајмување (кирии) со стапка на непријавување од 70,4%, што еднакво на 300 милиони денари (4,9 милиони евра). Непријавените приходи од самовработување се проценети на износ од 7,8%, 2,6 милијарди денари (42,3 милиони евра).
Експертите од институтот ја нагласуваат потребата од сеопфатен пристап на политиките, приспособен да одговори на различните аспекти на неформалната економија. Усогласувањето на политиките со структурната динамика на непријавената работа е од клучно значење.
- „Во секторите како што се трговијата на големо, трговијата на мало и поправка на возила, олеснувањето на започнувањето бизнис преку насочени иницијативи, како што се специјализирани програми за финансиска помош и бизнис поддршка, би можело ефективно да промовира формализирање. Спротивно на тоа, секторите како преработувачка индустрија и градежништвото бараат строг мониторинг за да се справат со нецелосно декларираните плати, што бара координирани напори од Државниот инспекторат за труд и Управата за јавни приходи. Дополнително, насочените интервенции, вклучително и засилено следење на приходите од вработување и едукативни кампањи за различни групи приходи, се од витално значење за да се намали недоволното пријавување на приходите и да се зајакне даночната основа“, се наведува во Студијата.
Сивата економија, според одредени анализи во земјава зафаќа од 20 до 40% од вкупната економија.





