Кривичниот суд одлучил да им бидат одземени пасошите и да се јавуваат во суд еднаш неделно, но нема притвор ниту за поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, за екс вицепремиерот Владимир Пешевски и за градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски. Канческа-Милевска е обвинета во Тендери, за тендери за Музејот на ВМРО. Нема притвор и за другата обвинета во овој случај. Поранешниот вицепремиер за економски прашања Пешевски е обвинет во Траекторија за избор на компанијата од Кина што ги гради автопатите. Трајковски е обвинет во Т.Н.Т за уривањето на Космос. На четворицата други обвинети покрај Трајковски им се одземени пасошите.

Судот уште не се произнел за барањето притвор за поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за екс функционерите Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и за поранешните секретари на Владата, Мартин Протуѓер и Кирил Божиновски.
Кривичниот суд донесе одлуки уште за пет други случаи. Во случајот Тарифа, за софтверот за ЕЛЕМ, судот го уважил барањето и на тројца обвинети им е одредена мерка претпазливост–одземени пасоши и јавување во суд. Мерка претпазливост има и за обвинетиот во случајот Трезор, за купување опрема за прислушување. Судот ги одбил предлозите за мерки за претпазливост за предметот „Титаник 2“, кој се однесува на изборни измами. За Топлик, за Сончев град на четворица обвинети им се одземени пасошите и еднаш неделно треба да се јавуваат во суд.




