„Не мислам дека е реално да се очекува од Поранешната Југословенска Република Македонија да не ја има ‘Македонија“ во некоја форма во нејзино име”.



Дали оваа клучна забелешка во изјавата на медијаторот Метју Нимиц по средбата со амбасадорите Васко Наумовски и Адамантиос Василакис пред три дена во Њујорк е можеби причина за некои настани и изјави кои неочекувано се случуваат или доаѓаат од Грција.

На пример, скандалозната изјава на премиерот Алексис Ципрас спооред кој не постои македонска нација и дека решението на спорот не се однесува само за името на северниот сосед. Или анкетата според која грчката јавност во огромен процент се противи на име што ќе го содржи и  терминот „Македонија“.

По средбата во Њујорк, Нимиц рече дека „тие не само што велат дека сакаат решение. Мислам дека веруваат дека е во национален интерес на двете земји да го решат овој проблем“.

Оваа изјава на медијаторот Метју Нимиц е се уште на линија на оптимизмот со кој беше пречекана 2008, како година во која ќе биде постигнат брз договор околу прашањето за името Македонија, пред Самитот на НАТО на кој Македонија очекува да биде примена во Алијансата.

Нимиц ги претстави предлозите и тие треба да бидат разгледани од двете страни и очекува во наредните десетина дена да ги посети Скопје и Атина.

Но, „додека грчкото раководство – барем партијата Сириза од владејачката коалиција – се чини дека е посветена на решавањето на спорот за името во 2018 година забележливо е постојано влошување на ставовите на грчката јавност во поддршката на компромисно решение (во кое е вклучено и сложено име) во текот на првата половина од јануари, констатира авторот на анализа на „NewEurope“.

Голем проблем е што коалициониот партнер во владата „Независни Грци“ која има силна конзервативна база и која не ги смета националните безбедносни прашања и идентитет толку флексибилни како левичарите на Сириза.

Тие на 14 јануари „повикаа на референдум за кој било договор за името, што во суштина е гласање за недоверба за неговите коалициски партнери од Сириза“ констатира авторот на анализата.

Натаму  и „главната опозициска партија Неа демократија прави сé што е можно за да ја прошири оваа потенцијална пукнатина, за да предизвика избори на кои е прилично сигурно ќе победат, според анкетите во текот на изминатата година“.

Во оваа мешавина, се вели во написот, треба да се додаде и реакцијата на силната дијаспора која е одлучна против употребата на зборот Македонија во било кој договор за името, како и утрешниот митинг во Солун за кој веќе подготвено чекаат 500 автобуси кои треба да транспортираат илјадници луѓе за протестот.

Ангелос Костопулос, поранешен офицер за „NewEurope“ изјави: „По митингот во Солун…ниту еден грчки политичар нема да може да поддржи решение за сложено име“.

Единствено нешто околу кое речиси сите грчки партии се согласуваат латинското „ерга омнес“ односно дека договореното име ќе треба да биде за секаква употреба.

„Раководството во Скопје можеби сега жали за претерано оптимистичките изјави и надежните гестови дадени пред Нова година… “, се вели на крајот на анализата.